Данската пошта PostNord ќе го достави своето последно писмо на 30 декември, со што ќе заврши традиција долга повеќе од 400 години, објави „Гардијан“.
Со оваа одлука, PostNord – компанија формирана во 2009 година со спојување на шведската и данската поштенска служба – најави укинување на околу 1.500 работни места во Данска и отстранување на исто толку поштенски сандачиња, како последица на длабоката дигитализација на данското општество.
Компанијата ја опиша Данска како една од најдигитализираните земји во светот, наведувајќи дека побарувачката за класични писма драматично опаднала, додека онлајн купувањето и доставата на пакети бележат континуиран раст. Токму тоа, според PostNord, е причината фокусот да се префрли од писма кон пакетска достава.
Интерес предизвика и продажбата на старите поштенски сандачиња – во рок од само три часа, 1.000 сандачиња добиле нови сопственици, по цена од 2.000 дански круни (околу 268 евра) за оние во подобра состојба и 1.500 круни за останатите. Дополнителни 200 сандачиња ќе бидат понудени на аукција во јануари.
PostNord соопшти дека ќе продолжи со доставата на писма во Шведска, а во Данска ќе ги обештети корисниците за неискористените поштенски марки.
И покрај оваа промена, Данците и понатаму ќе можат да испраќаат писма преку приватната компанија Dao, која од 1 јануари планира значително проширување на услугите – од околу 30 милиони писма во 2025 година на 80 милиони во наредната година. Испраќањето писма ќе биде возможно преку нивните продавници или со дополнителна доплата за преземање од дома, а плаќањето ќе се врши онлајн или преку апликација.
Данската поштенска служба постои од 1624 година, но во последните 25 години бројот на испратени писма е намален за повеќе од 90 проценти. Сепак, „Гардијан“ наведува дека кај младите генерации повторно се забележува интерес за рачно пишување писма.
Според данскиот закон, опцијата за испраќање писма мора да постои, па доколку Dao некогаш се повлече од оваа дејност, државата ќе мора да назначи друга компанија.
Извори од Министерството за транспорт појаснуваат дека во практична смисла граѓаните нема да почувствуваат значителна разлика, бидејќи писмата и понатаму ќе се испраќаат и доставуваат – но симболично, оваа промена означува крај на една историска ера.