Од партијата велат дека недозволиво е полицајци на јавен простор да ги третираат новинарите како „непознати лица“ кога на себе имаат легитимации.
„Знаеме дека Тошковски е уплашен од вистината, од силните реакции на јавноста за сите скандали што ги прави, но не може да ја претвори полицијата во инструмент за сеење страв и замолчување. Нека ги остави Тошковски новинарите да работат и да известуваат за прашања од јавен интерес. Наместо да ги попречува, полицијата е да ги штити нив и новото право за работа без било каков притисок. Секое друго однесување е директен удар врз слободата на медиумите“, порачуваат од СДСМ.
Новинарските екипи на Сакамдакажам.мк и ТВ Телма денеска беа легитимирани од полициски службеници во Демир Хисар додека го следеа увидот во Гимназијата, каде што беше пријавено провалување во директорската канцеларија. И покрај тоа што носеа новинарски легитимации, полицијата побара лични карти со образложение дека се „непознати лица на настанот“ и ги запиша целосните лични податоци, вклучително и броевите на регистарски таблички од возилата.
Настанот се одвиваше додека во училиштето пристигна досегашната директорка Маја Лозановска, по боледување и претрес во нејзиниот дом, како и новата в.д. директорка назначена од градоначалникот. Лозановска и нејзиниот адвокат пријавија провална интервенција во директорската канцеларија, по што беа повикани на информативен разговор. Според нив, во полиција биле прашани „кој ве повика“ и добиле нов термин — 13 август — повторно да се појават на разговор.
Контекстот на случајот трае од 8 август, кога полицијата изврши претрес во домот на Лозановска во потрага по училишниот печат. Во тоа време таа беше на боледување, а локалниот полициски началник изјави дека „и на носилки“ ќе биде донесена на разговор, иако налогот се однесувал само на претрес, не и на лишување од слобода. Министерството за внатрешни работи отвори дисциплинска постапка против началникот, додека за директорката постои пријава со основи на сомневање за кривично дело „одземање печат и службени документи“.