По еуфоријата со таблетите, училиштата се враќаат на молив и хартија

По години во кои таблетите, лаптопите и дигиталните платформи беа претставувани како симбол на модерното образование, сè повеќе училишта и образовни системи почнуваат да ја враќаат наставата кон книги, тетратки и рачно пишување.

Трендот не значи целосно напуштање на технологијата, туку растечко признавање дека екранот не е секогаш подобар учител, особено кога почнува да го јаде вниманието на учениците наместо да му помага на учењето.

Најјасен сигнал доаѓа од самите образовни политики. УНЕСКО предупреди дека технологијата во училница треба да се користи само кога јасно го поддржува учењето, а најновото глобално следење покажува дека 114 образовни системи веќе имаат национална забрана за мобилни телефони во училиштата, што е 58 отсто од земјите во светот. Т

оа покажува дека дебатата веќе не е дали дигиталните уреди се модерни, туку колку им користат на учениците и кога почнуваат да им штетат.

И податоците на ОЕЦД одат во иста насока. Организацијата наведува дека прекумерната употреба на дигитални уреди за забава во училница негативно се поврзува со резултатите на учениците.

Во просек низ ОЕЦД, 59 отсто од учениците рекле дека им се оттурнува вниманието поради тоа што други ученици користат телефони, таблети или лаптопи на часовите, а оние што пријавуваат вакво одвлекување на вниманието имаат и послаби резултати по математика.

Промената веќе се гледа и на терен. Во Финска, која долго важеше за еден од симболите на дигитално напредно образование, дел од училиштата повторно ги полнат ранците со книги и се враќаат на пенкало и хартија по една деценија силно потпирање на лаптопи и други уреди.

Причината е едноставна: наставници и родители сè погласно предупредуваат дека екраните го дробат вниманието, ја намалуваат концентрацијата и не секогаш носат подобри резултати.

Зачлени се на нашиот е-билтен