По Хрватска, и Словенија пријавува големи штети од невреме

По извештаите за снег, силен ветер и прекини во сообраќајот во Хрватска, слични информации денеска доаѓаат и од Словенија, каде силната бура оштети покриви, урна дрвја и предизвика прекини во снабдувањето со електрична енергија. Во делови од земјата училиштата и градинките беа затворени, а надлежните служби повикаа граѓаните да останат во затворен простор и да избегнуваат непотребно движење.

Според словенечките извештаи, најпогодени се Горењска, Приморска и делови од северот на земјата. Ветерот откривал покриви и уриваше дрвја, а во дел од општините беше прекината наставата. Во Крањ, според медиумските извештаи, службите примиле повеќе од илјада повици на бројот 112, додека во Штаерска без струја останале околу 21.000 корисници.

Словенечката агенција за животна средина издаде црвено предупредување за силен ветер за делови од северна Словенија и повика на откажување на настани на отворено, прекин на работа на височина и воведување заштитни мерки во училиштата и градинките. За југозападниот дел од земјата беа објавени и дополнителни предупредувања поради бурата и опасноста од предмети што може да ги носи ветерот.

Невремето доаѓа веднаш по силниот студен бран што ја зафати и Хрватска. Хрватската радио-телевизија јави дека во делови од земјата паднал снег, сообраќајот бил отежнат, а во повеќе региони немало настава. Државниот хидрометеоролошки завод на Хрватска објави предупредувања за силен и бурен ветер, со налети што на места достигнуваат и до 120 километри на час, особено долж Јадранот и во планинските делови.

Зачлени се на нашиот е-билтен