По Италија и Германија е против идејата на Трамп

Германскиот таблоид „Билд“ открива дека европските престолнини не се подготвени само технички да го „дотераат“ американскиот мировен план за Украина – туку бараат суштински промени во најмалку четири клучни точки. Зад дипломатските формулации се крие јасна порака: Европа не сака да потпише мир кој фактички ќе ги легализира територијалните добивки на Русија и трајно ќе ја ослаби украинската држава.

Според „Билд“, првата и најжестока точка на судир се териториите. Трамповиот план предвидува Крим, Луганск и Донецк де факто да бидат признати како руски, а линијата на фронтот во Херсон и Запорожје да стане замрзната граница – замрзнат конфликт претворен во нова карта на Европа. Европските лидери – и на состаноците во рамки на Г7 и на маргините на Г20 – јасно ставиле до знаење дека вакво менување граници „со сила“ не смее да биде основа за мировен договор.

Втората спорна точка е планираното „сечење“ на украинската армија на максимум 600.000 војници. И ЕУ и Г7, пренесува „Билд“, оцениле дека такво ограничување ја прави Украина структурно ранлива за идни напади – наместо да создаде стабилен мир, отвора врата за следна офанзива кога Москва ќе процени дека е подготвена.

Третиот фронт на несогласување се безбедносните гаранции. Германскиот канцелар Фридрих Мерц, според написот, има намера директно да му порача на Доналд Трамп дека новите гаранции „можеби не вредат ниту хартијата на која се напишани“, потсетувајќи на 1994 година, кога Киев се откажа од нуклеарното оружје во замена за ветувања за територијален интегритет – ветувања што Русија ги прекрши со анексијата на Крим и почетокот на војната.

Четвртата клучна спорна точка е планот за замрзнатите руски средства. Според американскиот предлог, 100 милијарди долари рускo богатство би биле вложени во реконструкцијата на Украина под американско водење, при што Вашингтон би земал 50 проценти од профитот. Европа би додала уште 100 милијарди, а остатокот од руските пари би завршил во посебен американско–руски инвестициски фонд. Во Берлин и други европски главни градови постои силен отпор кон модел во кој САД стануваат главен „менаџер“ и профитер на средствата што се замрзнати на европски банки.

„Шпигел“ јавува дека Европејците веќе им испратиле на САД работна верзија на сопствени контрапредлози – обид да се претвори американскиот документ во вистински заеднички план, а не во диктирана рамка што Европа само треба да ја потпише.

Во меѓувреме, Москва и Киев внимателно го мерат секој збор. Рускиот претседател Владимир Путин признава дека планот формално не бил детално разгледуван со Кремљ, но го нарекува „можна основа“ за конечно решение – сигнал дека Москва гледа доволно поволни елементи, особено во територијалниот дел. Украинските власти, пак, велат дека документот го анализираат, но имаат сериозни резерви токму за територијалните отстапки, статусот на армијата и квалитетот на безбедносните гаранции.

Дополнителен притисок додава и рокот што Трамп јавно го спомна – до 27 ноември Украина да каже „да“ или „не“. Во пракса, меѓутоа, станува сè појасно дека без европско „доу редување“ на најконтроверзните точки, овој план тешко може да стане основа за стабилен мир. Европа не сака да биде статист во туѓ дипломатски спектакл – особено не во момент кога на маса е идната карта на континентот и безбедносната архитектура во која ќе живее и самата.

Зачлени се на нашиот е-билтен