По милионити пат Русија откри вакцина за рак

Руските медиуми повторно веста ја објавија како триумф: „вакцина против рак – готова за употреба“. А стандардно македонски портали желни за кликови пренесоа некава вест која никаде во ниту еден журнал не е објавена освен на омилените Телеграм канали на руската дезинформациска платформа.

И повторно – без студии, без регистрирано клиничко испитување, без регулаторно одобрение надвор од Москва. Овој пат, директорката на Федералната медико-биолошка агенција Вероника Скворцова вели дека документите за „клиничка употреба“ се веќе поднесени. Звучи сензационално – додека не се праша: каде се податоците?

Вакви навестувања слушаме со години. Ова е дел од оперативата за фаќање на емоција на оние кои се со последна капка надеж. А нивната надеж е да ја шират информацијата за наводно неверојатно/спектакуларно/никој што го нема решение и да се игра на најболните точки.

Во 2008 Русија одобри Oncophage – терапевтска „вакцина“ за рак на бубрег развиена од американска компанија. Но ЕМА потоа го одби/повлече барањето во Европа поради недоволни докази за ефикасност, а лекот никогаш не стана меѓународен стандард. Во 2024 Владимир Путин свечено соопшти дека „сме многу блиску“ до вакцини против рак; до денес – ниту еден рецензиран фаза III резултат, ниту едно западно регулаторно одобрение, па дури ни од братска Кина, која предничи во светот со истражувањата на нивните универзитети на оваа тема.

Новата итерација доаѓа во 2024/2025: ФМБА најавува клиничка употреба „веќе во 2025“ за колоректален карцином, потоа и за глиобластом и меланом; „Гамалеја“ паралелно најавува персонализирана mRNA-вакцина за меланом кон крајот на 2025. (Потсетување, токму руската пропаганда ја нападна mRNA вакцината за ковид, велеќи дека го менува генетскиот код на луѓето) А сега најавува иста таква, базирана на истиот метод.

Но „најави“ не се наука: нема објавени протоколи, нема регистар на испитувања достапен за јавност, нема рецензирани резултати.

Меѓувремено, реалноста е трезна: според GLOBOCAN (IARC/WHO), Русија изгубила повеќе од 3.111.000 илјади луѓе од рак во 2022 (овие 3 години не објавуваат никакви податоци на оваа тема). Ако навистина постои терапија што драматично го намалува ризикот од смрт или релапс, научниот и регулаторниот свет има јасна патека: фаза I–III, рецензија, транспарентни податоци и – ако е успешна – одобрување од ЕМА/ФДА. Таков процес ја штити јавноста од „чудотворни лекови“ кои на хартија изгледаат идеално, а во пракса не ја менуваат судбината на пациентите.

Важно е и да се разјасни терминологијата. Научните „вакцини против рак“ во светот не се превентивни како MMR или HPV, туку терапевтски – насочени да му помогнат на имунолошкиот систем да ги уништи преостанатите туморни клетки кај веќе болни пациенти.

Постојат сериозни кандидати надвор од Русија со рандомизирани податоци (на пр. mRNA-4157/V940 со пембролизумаб) што покажуваат намален ризик од релапс кај меланом, и тие сега влегуваат во фаза 3 и национални платформи како NHS Cancer Vaccine Launch Pad. Дури и тие не се „готови лекови“ – се докажуваат, чекор по чекор.

Зошто тогаш се пласираат вакви наративи? Затоа што звучат моќно. Во модел познат од пандемијата, државните институции и медиуми ја пакуваат надежта како свршен факт, со минимални детали и без независна верификација. Така се добива политичко поенирање, а јавноста останува со впечаток дека „науката завршила работа“. Истовремено, довербата во сериозната онкологија трпи – пациентите можат да одложат докажани терапии чекајќи „вакцина која стигнува следната година“.

Ако Русија навистина има терапија што спасува животи, нека покаже регистрирани испитувања, рецензирани резултати и регулаторни одобренија надвор од нејзините граници. Сѐ друго е уште една медиумска реприза на истата вест – „по милионити пат“ објавена како триумф, а недоказана каде што е најважно: во научната литература и пред независните регулатори.

Зачлени се на нашиот е-билтен