Наредната година платите на функционерите нема да се зголемат, најави премиерот Христијан Мицкоски. Според него тоа нема да се случи и покрај предвиденото законско усогласување со порастот на просечната плата. Мицкоски смирува дека Владата ќе го спречи зголемувањето со корекција на коефициентите. Тој тврди дека ваквата мерка е позитивно прифатена од синдикатите, кои се надеваат дека средствата ќе бидат наменети за поддршка на работниците.
Од СДСМ реагираа со барање Мицкоски да остане доследен на ветувањето за намалување на платите на функционерите.
Пред околу една година, Мицкоски изјави дека потребно е да се донесе закон во кој што ќе има јасно нивелирање на примањата на функционерите.
„Треба тоа да биде достоинствено имајќи в предвид одговорноста што ја имаат, но не треба да биде толкава разликата колкава што е сега. ВМРО-ДПМНЕ ќе донесе закон кој што ќе биде фер, закон кој што ќе ги намали примањата од оваа сума која што е сега“, најавуваше Мицкоски.