Две лица од тетовска Голема Речица се лишени од слобода во акција на Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи, спроведена по првични информации добиени од ФБИ. Истрагата се однесува на нелегален онлајн пазар познат како „OLVX“, за кој постојат сомнежи дека функционирал преку повеќе интернет домени.
Платформата, според досегашните сознанија, била активна од јули 2023 година и содржела база на компромитирани лични податоци што се користеле за регистрација на кориснички и продавачки сметки. Во системот биле евидентирани повеќе од 2.600 кориснички сметки и над 1.500 сметки на продавачи, а вкупната продажна вредност на артиклите надминувала 500.000 американски долари.
Врз основа на судска наредба издадена од Основниот суд во Тетово, бил извршен претрес кај А.Е. на возраст од 20 години и А.И. на возраст од 23 години, двајцата македонски државјани од Голема Речица. За нив постојат основани сомненија дека биле администратори на нелегалниот онлајн пазар.
За време на претресот, осомничените биле затекнати на лице место при дејствија поврзани со кривичното дело за кое се сомничат. Одземени се десктоп и лаптоп компјутери, како и мобилни телефони, кои треба да бидат предмет на понатамошна форензичка анализа и да послужат како докази во кривичната постапка.
Секторот за компјутерски криминал продолжува со мерки за расчистување на случајот, идентификација на сите инволвирани лица и обезбедување дополнителни докази. Истрагата продолжува во рамки на законските процедури.