Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

По официјалната средба, Сиљановска Давкова и Радев ќе одат на опера во Софија

Вo петок во Софија ќе има средба меѓу македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова и нејзиниот бугарски колега, Румен Радев.

Сиљановска-Давкова го користи гостувањето на ансамблот на Националната опера и балет (НОБ) во Софија за да се сретне со Радев откако такво нешто не се случи во Рим за време на чествувањето по повод 24 Мај.

Македонската претседателка во мај во Скопје присуствуваше на изведбата на „Валкира“ од софиската опера и балет. Изведбата, во режија на Пламен Карталов, беше дел од 52. издание на „Мајски оперски вечери“, а присуството на Сиљановска-Давкова во салата предизвика голем публицитет во бугарската јавност.

Во таа пригода, таа рече и дека културната дипломатија е помоќна од традиционалната и дека затоа дошла да ужива во изведбата на операта.

Во државната делегација што ќе патува за Софија се најавени и министрите за надворешни работи и за култура, Тимчо Муцунски и Зоран Љутков.

Според најавите, на средбата на претседателите на Бугарија и на Македонија не се очекува отворање на суштински теми, туку разговорите треба да бидат во функција на релаксирање на атмосферата во односите меѓу двете земји.

Инаку, Националната опера и балет в петок во Софија настапува со „Набуко“ од Џузепе Верди.

Диригент е Бисера Чадловска, а адаптацијата на сцената на софиската опера ја направи Трајко Јордановски.

Зачлени се на нашиот е-билтен