Тирана денеска е домаќин на членовите на Управниот одбор на Меѓународниот комитет на Медитеранските игри (МКМИ), кој за првпат одржува состанок во албанската метропола.
Присутен беше и премиерот Еди Рама, кој рече дека е чест за европската престолнина на спортот 2023 година да биде домаќин на членовите на МКМИ.
-Првпат ја имаме честа да пречекаме вакви ценети пријатели од светот на спортот. Тука сте од три континенти, а Тирана е европска престолнина на спортот за 2023 година, затоа го славиме вашето присуство во Албанија. Сакам да ви кажам дека вие сте добредојдени и наша гаранција е господинот Фидел Ули, кој е визионерски претседател на нашиот комитет, изјавил Рама, јави Топ чанел.
Рама најавил дека ќе го поддржат Косово во организацијата на медитеранските игри во 2030 година.
-Ние сме посветени да го поддржиме Косово за медитеранските игри во 2030 година. Сите сме горди што тие ќе се одржат во Косово и во Албанија, во Приштина и во Драч. Знаеме дека оваа одлука не беше многу лесна за вас, но вие носите одлуки како спортисти, зашто доколку бевте луѓе од политиката немаше да биде толку лесно да ја донесете оваа одлука. Ве молам, уживајте овде во Тирана, излезете надвор, убав ден е и има многу работи да се видат, беше повикот на Рама на крајот од говорот.
Генералното собрание на Меѓународниот комитет на Медитеранските игри (МКМИ), на 8 септември годинава во Ираклион, Грција, одлучи да му ја додели на Косово организацијата на Медитеранските игри во 2030 година. Кандидатурата на Косово доби поддршка и од Албанија, каде што ќе се одржат дел од настаните.
Претходно, Собранието на МКМИ ја смени регулативата со која на земјите без излез на море не им се даваше можност да ги организираат Медитеранските игри, со што се отвори патот за организирање на меѓународниот спортски настан во главниот град на Косово. На Медитеранските игри учествуваат спортисти од 26 земји. Десет од овие земји не го признаваат Косово.
Се очекува Косово да инвестира над 250 милиони евра за организација на овој голем спортски настан. „Приштина 2030“ ќе биде 21. издание на Медитеранските игри.