По Романија, и во Хрватска потврден случај на лепра – кај работник од Непал

По неодамнешните случаи во Романија, во Хрватска е потврден еден увезен случај на лепра (Хансенова болест), соопшти Хрватскиот завод за јавно здравство (ХЗЈЗ). Заболеното лице веднаш ја добило пропишаната антибиотска терапија, а сите блиски контакти се навремено идентификувани и вклучени во програм за надзор и хемопрофилакса. Надлежните институции нагласуваат дека не постои закана за јавното здравје.

Од ХЗЈЗ информираат дека лепрата денес е ретка и целосно излечива болест, благодарение на современата антибиотска терапија.

„Во Хрватска неодамна е регистриран еден увезен случај. Заболеното лице веднаш е ставено на терапија, а сите блиски контакти се идентификувани и вклучени во соодветни здравствени протоколи. Не постои ризик од пренос на болеста при вообичаени социјални контакти, ниту опасност за пошироката популација“, соопшти ХЗЈЗ.

Станува збор за странски работник од Непал, кој веќе две години живее во Хрватска заедно со своето семејство. Лицето со симптоми на лепра пред околу десет дена се јавило во епидемиолошката служба во Сплит, по што болеста била навремено дијагностицирана.

Случаи и во Романија

Во меѓувреме, во Романија, во градот Клуж-Напока, по потврден случај на лепра беше затворен луксузен спа-центар. Пациентката е млада Азијка која работела како масерка и се наоѓа под терапија според насоките на Светската здравствена организација (СЗО).

Дополнително, уште три вработени во истиот салон – исто така млади жени од Азија – моментално се испитуваат како сомнителни случаи.

„По започнување на антибиотската терапија, заболеното лице многу брзо престанува да биде заразно, поради што во моментов не постои ризик од ширење на болеста“, соопшти ХЗЈЗ.

Што е лепра (Хансенова болест)?

Лепрата, позната и како Хансенова болест, е ретка хронична заразна болест предизвикана од бактеријата Mycobacterium leprae. Денес таа е целосно излечива со навремено и соодветно лекување.

Од ХЗЈЗ потенцираат дека лепрата не се пренесува лесно – за пренос е потребен долготраен и близок контакт со лице кое не е на терапија, и тоа во период од повеќе месеци.

„Краткотрајните и вообичаени социјални контакти – на работното место, во јавен превоз, продавници или здравствени установи – не претставуваат ризик за пренос на болеста“, наведуваат од ХЗЈЗ.

Подготвен здравствен систем

Хрватските здравствени власти уверуваат дека здравствениот систем е целосно подготвен за вакви ситуации. Со брза дијагностика и соодветни епидемиолошки и терапевтски мерки, секој поединечен случај се става под контрола.

Во Хрватска, како и во другите европски земји, автохтони случаи на лепра не се регистрирани со децении, а појавата на поединечни увезени случаи се смета за очекувана во услови на зголемена глобална мобилност.

Зачлени се на нашиот е-билтен