Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, утрово изјави дека околу 1.700 високи станбени згради во украинската престолнина сè уште се без греење, што е последица на руските напади со беспилотни летала и ракети претходниот ден.
Кличко изјави дека во текот на изминатата ноќ биле загреани повеќе од 1.600 високи станбени згради, пренесува Укринформ.
Градоначалникот потсети дека по нападот во ноќта помеѓу петокот и саботата, речиси 6.000 згради останаа без греење.
Руските напади врз украинскиот енергетски систем, кои вчера беа особено интензивни во областа на Киев и Харков, оставија околу 1,2 милиони корисници без електрична енергија низ целата земја, а температурата е десет степени под нулата.
За денес се најавени планирани исклучувања за домаќинствата, додека потрошувачката ќе биде ограничена за индустриските корисници.