По трагедијата во Швајцарија: Семејствата на жртвите поднесоа кривични пријави, сопственикот на барот приведен

Кран-Монтана
EPA/JEAN-CHRISTOPHE BOTT

Швајцарските власти наредија притвор за еден од сопствениците на барот во скијачкиот центар Кран-Монтана, каде во новогодишниот пожар загинаа 40 лица, додека семејствата на жртвите поднесоа кривични пријави.

Швајцарското обвинителство соопшти дека е нареден притвор за еден од двајцата сопственици на барот „Le Constellation“, поради опасност од бегство. Локалните медиуми објавија дека налогот веќе е спроведен.

Истражната постапка се води против сопственици со француско државјанство, под сомнение за повеќе кривични дела, меѓу кои и убиство од небрежност. Во меѓувреме, семејствата на загинатите официјално поднесоа кривични пријави.

Жак Морети задржан во притвор

Откако швајцарскиот весник 24 Heures објави дека еден од сопствениците, Жак Морети, е задржан, обвинителството ја потврди информацијата. Според швајцарскиот закон, осомничениот може да биде задржан до 48 часа, по што судот одлучува дали притворот ќе продолжи.

Полицијата на кантонот Вале одби да коментира.

Претходно, Жак и Жесика Морети беа повикани на сослушување во градот Сион. Неколку часа подоцна, камерите на швајцарската јавна телевизија забележаа како Жесика Морети ја напушта зградата – сама.

„Моите мисли се постојано со жртвите на оваа незамислива трагедија. Се извинувам на сите кои настрадаа и на оние кои сè уште се борат“, изјави таа.

Национален ден на жалост

Швајцарските власти го прогласија петокот за национален ден на жалост. Црковните ѕвона се огласија низ целата земја, а сопствениците на барот соопштија дека ќе соработуваат целосно со истрагата.

Повеќе од половина од загинатите биле тинејџери, а 116 лица се повредени, дел од нив тешко. Меѓу жртвите има и државјани на Франција и Италија.

Светски лидери бараат правда

Италијанската премиерка Џорџа Мелони повика на строго казнување на одговорните, додека претседателите на Италија и Франција, Серџо Матарела и Емануел Макрон, учествуваа на комеморацијата во градот Мартини.

Во Кран-Монтана, десетици граѓани се собраа пред затворениот бар, оставајќи цвеќиња, писма и играчки во спомен на жртвите.

Швајцарскиот претседател Ги Пармелан порача дека одговорните мора да бидат изведени пред лицето на правдата „без одлагање и без попустливост“, додека властите на кантонот Вале признаа дека објектот пропуштил повеќе безбедносни инспекции.

Сомнежи за причината за пожарот

Според сведоци и обвинители, пожарот најверојатно бил предизвикан од пиротехнички прскалки, кои ја запалиле звучната изолација на таванот во подрумот. Истражителите утврдуваат сериозни пропусти во надзорот и безбедносните контроли.

Зачлени се на нашиот е-билтен