По затворањето на Ормутскиот теснец, производството на нафта во Ирак со пад од 70%

Производството на нафта на клучните јужни полиња во Ирак се намали за дури 70 проценти на само 1,3 милиони барели дневно, бидејќи земјата не е во можност да извезува сурова нафта преку Ормускиот теснец поради војната со Иран, потврдија во неделата три извори од нафтената индустрија. Пред конфликтот, производството на полињата беше околу 4,3 милиони барели дневно, објави Ројтерс .

Поради блокадата на теснецот, извозот на нафта е исто така драстично намален, паѓајќи на просек од 800.000 барели дневно во недела. Според извори од терминалот, товарењето се одвива само на два танкера бидејќи бродовите не можат слободно да пристапуваат.

Двајца нафтени претставници предупредија дека се очекува целосен прекин на извозот од јужните терминали околу 20 часот по локално време, бидејќи новите танкери не можат да пристигнат. Во меѓувреме, капацитетите за складирање сурова нафта го достигнаа максималниот капацитет.

„Преостанатото производство по ова големо намалување ќе се користи за снабдување на домашните рафинерии“, изјави функционер во државната компанија за нафта „Басра“ (BOC), која управува со операциите на југот на земјата.

Ормутскиот теснец, тесен воден пат помеѓу Персискиот Залив и Оманскиот Залив, е еден од најважните енергетски коридори во светот. Околу една петтина од глобалното снабдување со нафта и течен природен гас поминува низ него, што го прави од клучно стратешко значење.

Овој пад на производството и извозот претставува тежок удар за веќе кревките финансии на Ирак. Државата се потпира на продажбата на сурова нафта за покривање на речиси сите јавни трошоци и генерира повеќе од 90 проценти од своите приходи.

Зачлени се на нашиот е-билтен