Победа или пауза? „Стоп за Вардариште“ слави — институциите ветуваат, граѓаните сè уште со сомнеж

Вардариште


Иницијативата „Стоп за Вардариште“ денеска организира прослава — не затоа што депонијата конечно е исчистена, туку затоа што, како што велат, „институциите конечно почнале нешто да прават“. По повеќемесечни блокади, протести и притисок, активистите најавуваат дека засега ќе направат пауза, но предупредуваат: ако ветувањата не се исполнат, повторно излегуваат на улица.

„Оваа петочка блокада ја претвораме во прослава за успехот што го постигнавме во изминатиот период. Сè уште има многу работа, но барем нешто се помести“, порачаа организаторите преку социјалните мрежи, повикувајќи граѓани да донесат озвучување, музика, храна и пијалоци — симболично, заедно да ја прослават „победата“.

Од иницијативата им се заблагодарија на сите што издржаа на дожд и на сонце, потсетувајќи дека упорноста на граѓаните го донела ова мало поместување.

Во меѓувреме, надлежните институции најавуваат дека влезот кон депонијата е делумно затворен, поставена е камера, а полицијата го контролира пристапот. Во тек е подготовка на план за хумано иселување на диво населените жители и трифазна санација и чистење на депонијата.

Сепак, прашањето останува — дали ова е почеток на решението или само уште една „победа“ што ќе се заборави до следната блокада?

Зачлени се на нашиот е-билтен