Победата на Доналд Трамп на претседателските избори во Соединетите Американски Држави го зајакна доларот во однос на заедничката европска валута, а некои аналитичари дури предвидуваат дека еден долар наскоро ќе вреди колку едно евро.
Според податоците на берзата, еврото во 12:35 часот се продаваше за 1,07186 долари и падна за 1,98 отсто. Трговците со валути се свртуваат кон еврото бидејќи победата на Трамп ги зголемува шансите за агресивно намалување на каматните стапки во еврозоната, промени кои водат до паритет меѓу еврото и доларот.
Холандските банки ABN Amro и ING веруваат дека еден долар ќе се продава по цена од едно евро во наредните месеци, додека Deutsche Bank прогнозира дека еврото ќе падне на 1,05 долари до крајот на годината. Ветувањето на Доналд Трамп за воведување дополнителни царини би можело дополнително да ја ослабне европската економија, што би барало Европската централна банка уште повеќе да ја омекне својата монетарна политика, пренесува Блумберг.
„Трамп се врати и сите се плашеа од овој момент. Сосема е јасно дека овој исход, во релативна смисла, не е одличен за европските средства“, изјави глобалниот инвестициски директор на швајцарската банкарска групација Ломбар Одије, Михаел Штробек, пренесува Танјуг.
Истовремено и биткоинот ја достигна највисоката вредност во својата историја во изборната ноќ во САД. Криптовалутата достигна вредност од 75.000 долари, повисока од мартовскиот рекорд од 73.000 долари.
И другите криптовалути пораснаа. Ethereum, втората по големина криптовалута, поскапе за околу 7%, додека Солана, третата најмоќна, „заработи“ околу 15%.
Новата криптовалута Dogecoin поскапе за речиси 20%, а тоа се објаснува со поддршката што ја има од Илон Маск, еден од клучните сојузници на Трамп на овие избори.
Трамп и Републиканската партија летово целосно ги прифатија криптовалутите, што резултираше со голема финансиска поддршка од оваа индустрија, која имаше свои проблеми поради ограничувањата што им ги наметна администрацијата на Бајден.