На претседателските избори во Ирска победи независната кандидатка и левичарка Кетрин Коноли, откако нејзината ривалка, Хедер Хамфрис од владејачката партија од десниот центар, денеска го призна поразот.
„Кетрин ќе биде претседателка на сите нас – и моја претседателка. Искрено ѝ посакувам сè најдобро,“ изјави Хамфрис, пренесува Гардијан.
Анкетите објавени во четвртокот покажуваа дека Коноли ќе освои околу 55 проценти од гласовите, наспроти 35 проценти за Хамфрис.
Според Гардијан, Коноли ја доби поддршката на голем број млади Ирци, како и на коалиција од левичарски опозициски партии.
Иако претседателската функција во Ирска е претежно церемонијална, нејзината победа се смета за значаен пораз за владата на десниот центар.
Незадоволството поради кризата со домувањето, високите трошоци за живот, грешките во кампањата на владејачките партии Фина Гејл и Фијана Фол, како и единството на левичарските сили и вештото користење на социјалните мрежи, ја претворија Коноли во симбол на промената во земјата.
Извор: Гардијан


