Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Победниците и губитниците се познати, времето ќе покаже дали претежно емоционалниот избор беше истовремено и умен

Коалиционирањето со ЗНАМ не би требало да биде предизвик поради сличноста на партиските програми, но по однос на ВЛЕН  извесно е дека сите партнери ќе мора да се повлечат од барем еден дел од црвените линии кои се зацртани во изборните програми, а потоа и реторички комуницирани до сопствените електорати во форма на изборни ветувања. За разлика од ВМРО-ДПМНЕ кој нема квантитативно силна опозиција во македонскиот камп, доколку ВЛЕН биде на власт ќе се соочи со силна опозиција од коалицијата на ДУИ во албанскиот камп.

Тони ПОПОВСКИ

Во претходните две колумни се осврнав засебно на квантитативните и квалитативните аспекти на резултатот од првиот круг на претседателските избори.  Со оваа колумна ќе заокружам една аналитичка трилогија имајќи го во предвид епилогот од претседателските и собраниските избори. Резултатите се познати, а следствено и политичките победници и губитници.

Коалицијата на ВМРО – ДПМНЕ доби 436036 гласови, односно го натфрли изборниот резултат од собраниските избори во 2020 година за заокружени 121000 гласови, и безмалку го повтори изборниот резултат од 2016 односно има само 18000 гласови помалку. Оваа коалиција е убедлив победник на собраниските избори со плус 14 пратеници во споредба со 2020.

Во групата на коалиции и партии кои направија подобар резултат во споредба со 2020 се коалицијата на ДУИ – проширен Европски фронт и со партии на помали етнички заедници, и Левица, двете со плус четири пратеници и коалицијата ВЛЕН претставувајќи ја опозицијата во албанскиот камп, со плус еден пратеник. Кај партиите на Албанците имаше фракционирање во ДУИ и во Алијансата на Албанците и друго фино подесување на помали субјекти во коалициите. Притоа, од конечниот резултат и доколку се изземе учеството на партиите на помалите етничките заедници во коалицијата предводена од ДУИ, може да се заклучи дека ова тактизирање не создаде стартна предност кај Албанците за ниту една од рекомпонираните и меѓусебе спротивставени групации во тој камп, односно дојде до своевидно балансирање на силите.   ЗНАМ е нова партија на политичката сцена со освоени 6 пратенички места.

Најголем губитник на изборите е коалицијата предводена од СДСМ која освои 154687 гласови, односно потфрли за заокружени 172000 гласови во споредба со изборниот резултат од собраниските избори во 2020 и цели 281000 гласови во споредба со резултатот од собраниските избори во 2016, резултирајќи со 28 пратеници помалку во споредба со 2020.

По однос на бројот на пратеници треба да се има во предвид дека од претходната коалиција предводена од СДСМ на овие избори замина БЕСА и неколку партии на помалите етнички заедници, така да реално бројот на претеници е намален на дваесетина.

Имајќи во предвид дека ЗНАМ е партија со лидер и доминантно членство од социјалдемократска провиниенција, освоените 6 пратеници (56288 гласови) се претежно одземени од контото на изборна поддршка за СДСМ, што од своја страна придонесе за овој историски најлош резултат на социјалдемократите.

Симулација на мандатите во услови на една изборна единица, покажува дека Левица би добила плус 2 пратеника, а коалицијата на СДСМ и ЗНАМ уште по еден пратеник, респективно, додека коалициите предводени од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ би имала по 2 пратеника помалку. Резултатот во мандати на коалицијата ВЛЕН би бил идентичен. 

Што се однесува до партиските резервоари на поддржувачи, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ е блиску до максималниот резервоар на поддршка, во споредба со коалицијата на СДСМ (широка, протестна – граѓанска коалиција создадена после „Шарената револуција“) каде во споредба со 2016 има одлевање во Левица и ЗНАМ од вкупно 125000 избирачи и цирка 35000 избирачи на партиите на Турците, Ромите и Бошњаците кои се приклучија кон коалицијата на ДУИ. Сето ова упатува на заклучок дека минимум 120000 избирачи ја повлекле поддршката за коалицијата на СДСМ но близу 100000 од нив сепак дадоа поддршка за Стево Пендаровски. Токму последново може да се смета за една поспецифична карактеристика на двојните избори.  Истовремено треба да се одбележи и дека Силјановска – Давкова оствари подобар резултат од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ за цирка 130000 гласови, но  претпоставка е дека тие дополнителни гласови се должат на поддршката на ЗНАМ и коалицијата ВЛЕН како и на потенцијалот на кандидатката да мобилизира дополнителни партиски неопределни избирачи. За последново придонесе и тактизирањето кај коалицијата на ДУИ по однос на постигнување на цензусот за избор на Претседател на Републиката.

По однос на албанскиот камп на политички партии, вкупниот број на освоени гласови е околу 245000. Ако од него се одземат гласовите на помалите етнички заедници, доаѓаме до цирка 210000 гласови на Албанците што како излезност и резервоар на избирачи се скоро идентични на двата последни изборни циклуси.

Повторно би сакал да нагласам дека оваа квантитативна анализа не ја зема превид варијаблата со миграциските процеси од 2016 година наваму и дека анализираните резервоари на поддржувачи на партиите се реално намалени за минимум 10%.

Тројца од четворица изборно проактивни Македонци во Републиката во моментов се радикализирани, односно определени за партии кои се поблиску до крајностите во политичкиот спектар отколку кон умерениот центар.  Како што напоменав и во претходната колумна, радикализацијата на електоратот може да преставува некаков облик на изборен вентил од наталожени фрустрации, но доколку потрае и се рефлектира врз начинот на владеење може да предизвика сериозни последици.

По однос на квалитативните аспекти на изборниот резултат, имајќи во предвид дека одзивот кај дијаспората беше симболичен, и поаѓајќи од претпоставка дека резидентното население со право на глас изнесува близу 1.5 милиони избирачи, излезноста на собраниските избори може да се процени на околу 66.5%. Од нив, вкупниот резултат на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, на ЗНАМ и наЛевица е околу 561000 гласови, односно близу 67% од претпоставени цирка 840000 резидентни избирачи Македонци согласно со резултатите од Пописот во 2021 година. Од преостанатите малку над 279000 резидентни избирачи Македонци, цирка 135000 (од 155000 вкупно освоени гласови) ја поддржаа евро-центричната коалиција на СДСМ. Оттаму може да се извлече заклучок дека приближно околу 144000 резидентни избирачи Македонци апстинираа од собраниските избори.  Следствено, излезноста кај резидентните избирачи Македонци може да се процени на околу 83% и од дистрибуцијата на гласовите може да се потврди мојот претходен заклучок после првиот круг на претседателските избори дека тројца од четворица изборно проактивни Македонци во Републиката во моментов се радикализирани, односно определени за партии кои се поблиску до крајностите во политичкиот спектар отколку кон умерениот центар.  Како што напоменав и во претходната колумна, радикализацијата на електоратот може да преставува некаков облик на изборен вентил од наталожени фрустрации, но доколку потрае и се рефлектира врз начинот на владеење може да предизвика сериозни последици. Во претходната колумна ги анализирав и причините за радикализација на Македонците и не би се повторувал.

По однос на постизборните сценарија, може да се извлече заклучок дека коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ е во пол позиција да формира влада, но претходно треба да дојде до програмско усогласување со потенцијалните партнери.

Коалиционирањето со ЗНАМ не би требало да биде предизвик поради сличноста на партиските програми, но по однос на ВЛЕН  извесно е дека сите партнери ќе мора да се повлечат од барем еден дел од црвените линии кои се зацртани во изборните програми, а потоа и реторички комуницирани до сопствените електорати во форма на изборни ветувања. За разлика од ВМРО-ДПМНЕ кој нема квантитативно силна опозиција во македонскиот камп, доколку ВЛЕН биде на власт ќе се соочи со силна опозиција од коалицијата на ДУИ во албанскиот камп. Останува да видиме во наредните седмици дали потенцијалните партнери се подготвени да платат неминовна политичка цена во рејтинг за да се дојде до одржлив владин – коалициски компромис. Секако, амбиентот на хронична партизираност на институциите може да апсорбира дел од тој притисок низ задоволување на лични интереси на дел од партиското членство и симпатизери, но претходната радикализација на партиските електорати порано или подоцна ќе си го наплати својот данок во популарност. 

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново