Славната британска екоактивистка за заштита на животната средина, Џејн Гудол, почина на 91-годишна возраст. Институтот „Jane Goodall“ соопшти дека таа починала од природна смрт за време на престој во Калифорнија, каде беше на својата американска турнеја.
„Откритијата на д-р Гудол како етолог ја револуционизираа науката. Таа беше неуморен глас за заштита и обновување на нашиот природен свет“, стои во изјавата на институтот.
Родена на 3 април 1934 година во Лондон, Гудол стана светски позната по своето повеќедецениско истражување на дивите шимпанза во националниот парк Гомбе Стрим во Танзанија. Нејзините набљудувања за користење алатки, социјални хиерархии и емоционални врски кај шимпанзата го урнаа старото убедување дека луѓето и животните се строго поделени.
Во 2002 година беше именувана за Гласник на мирот на Обединетите нации, а во текот на својата кариера напиша бројни влијателни книги, меѓу кои и „Во сенката на човекот“. Добитничка е на најпрестижни светски признанија, меѓу кои Кјото наградата (1990) и наградата Темплтон (2021).
Џејн Гудол останува симбол на науката, хуманоста и борбата за зачувување на планетата.