Почина двегодишното дете повредено од залутан куршум за време на новогодишната прослава

Двегодишното дете кое беше тешко повредено за време на новогодишната ноќ во Скопје, утрово им подлегна на повредите на скопските клиники, потврдија здравствени извори.

Според досегашните информации, детето било погодено од метален проектил, најверојатно залутан куршум, додека се наоѓало надвор со својата мајка и го гледало новогодишниот огномет. Во моментот на инцидентот, мајката го држела детето во раце, кога дошло до повредувањето.

По настанот, детето итно било пренесено во Градската општа болница, а поради сериозноста на повредите било префрлено на Клиниката за детска хирургија. Лекарите утврдиле обемно крварење во мозокот, при што биле зафатени сите мозочни комори. Детето било во критична, животозагрозувачка состојба и било сместено на интензивна нега под постојан медицински надзор.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски претходно изјави дека станува збор за еден од најтешките инциденти регистрирани за време на новогодишната ноќ. Тој информираше дека повредата е предизвикана од метален фрагмент и дека истрагата за околностите под кои настанал трагичниот настан сè уште е во тек.

Надлежните институции продолжуваат со утврдување на одговорноста, додека јавноста повторно се соочува со последиците од незаконската и неодговорна употреба на огнено оружје за време на прослави.

Зачлени се на нашиот е-билтен