Лекарот со светско реноме, нобеловец по медицинска физиологија, Ферид Мурад, почина денеска, објавија неговите блиски во САД.
Мурад, светски познат лекар, е роден во 1936 година во Вајтинг во американската сојузна држава Индијана. Неговиот татко бил доселеник од Гостивар, а мајка му била Американка. Докторирал во Кливленд, а потоа предавал на медицинското училиште на Универзитетот на Вирџинија. Од 1981 продолжил со своите истражувања на универзитетите во Стенфорд и Хјустон.
Во 1998 ја доби Нобеловата награда за медицина и физиологија. Мурад во 2018 година го посети својот роден крај и во негова чест општата болница во Гостивар беше преименувана во „Д-р Ферид Мурад“. Д-р Мурад е почесен граѓанин на Општина Чаир, почесен доктор за науки на Државниот универзитет во Тетово и на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје.
Д-р Мурад е награден со најголемото признание за откривање на улогата на азотниот оскид на кардиоваскуларниот систем. Неготово откритие дека азотниот оксид овозможува крвните садови да бидат релаксирани и проширени, има широка апликација во медицината денес. Се употребува за да се регулира притисокот во крвта, се бори против инфекција и ги третира болестите на срцето и белите дробови, како и ракот, шокот и импотенцијата.
Како професор по медицина и здравствени науки во Универзитетот Џорџ Вашингтон, Мурад добил и многу други награди, меѓу кои Наградата за основни медицински истражувања „Алберт и Мари Ласкер“, Наградата „Циба“ на Американското друштво за срце и Наградата „Бахтер“ за истакнати истражувања во биомедицински науки од Друштвото на американските колеџи по медицина.
Беше член на повеќе меѓународни здруженија и асоцијации. Објавил повеќе книги и статии во реномирани светски списанија.