Холивудската икона Џун Локхарт, најпозната по своите улоги во култните филмови и серии „Леси“, „Изгубени во вселената“ (Lost in Space) и „Petticoat Junction“, почина на 100-годишна возраст.
Глумата која ја обележа „златната ера“ на Холивуд и модерната телевизија, почина од природна смрт во својот дом во Санта Моника, Калифорнија, во четврток, 23 октомври, во 21:20 часот, потврди нејзиното семејство. Во последните моменти покрај неа биле ќерката Џун Елизабет и внуката Кристијана.
„Мама секогаш ја сметаше глумата за свој занает, но нејзините вистински страсти беа новинарството, политиката, науката и НАСА. Многу ја ценеше својата улога во ‘Изгубени во вселената’ и беше горда што инспирираше многу идни астронаути“, изјави нејзината ќерка Џун Елизабет.
Родена во Њујорк во семејство на глумци — татко ѝ бил канадскиот актер Џин Локхарт, а мајка ѝ англиската актерка Кетлин Локхарт — Џун рано ја започнала својата кариера. Дебитирала уште во детството, заедно со родителите, во класиката „Божиќна приказна“ (A Christmas Carol, 1938).
Потоа следеле улоги во филмовите „Наредник Јорк“ (1941), „Најди ме во Сент Луис“ (1944), „Синот на Леси“ (1945) и „Едногодишник“ (1946). Првата главна улога ја добила во филмот „Жената волк од Лондон“ (1946).
Во 1948 година ја освоила престижната Тони награда за најдобар млад актер за својата изведба во претставата „За љубов или пари“.
Најголемата слава ја стекнала на телевизија со улогата на мајката на Тими Мартин во серијата „Леси“ (1958–1964), која стана симбол на семејните вредности и добрината. Подоцна следеле бројни настапи во популарни серии како „Изгубени во вселената“, „Општа болница“, „Магнум П.И.“, „Полната куќа“, „Очајни домаќинки“, „Сива анатомија“, „Беверли Хилс 90210“ и многу други.
Од 1951 до 1959 година била во брак со д-р Џон Ф. Малоуни, со кого ги имала двете ќерки — Ен Локхарт, која исто така стана актерка, и Елизабет Локхарт. Подоцна кратко време била мажена за архитектот Џон Линзи.
Џун Локхарт има две ѕвезди на Холивудската патека на славните (Hollywood Walk of Fame) — една за придонесот во филмот и една за телевизијата.
Во јуни 2025 година славеше век од својот живот, оставајќи зад себе непроценливо културно наследство и генерации инспирирани од нејзиниот талент.
