Доцна синоќа, на 34-годишна возраст, ненадејно почина Лена Самарас, ќерката на поранешниот грчки премиер Андонис Самарас. Според грчките медиуми, таа била примена во атинската општа болница „Сисманоглио“ по епилептичен напад, а подоцна префрлена во болницата „Евангелисмос“, каде што доживеала срцев удар. Лекарите, и покрај обидите за реанимација, не успеале да ја спасат.
Министерот за здравство на Грција, Адонис Георгиадис, преку социјалната мрежа X објасни дека во „Сисманоглио“ Лена Самарас била темелно прегледана, вклучувајќи и преглед од невролог. Поради потребата од понатамошни испитувања, таа била префрлена во „Евангелисмос“, каде што има Невролошка клиника. „Од едната до другата болница беше пренесена со целосна безбедност. За жал, доживеа срцев удар во болницата,“ напиша Георгиадис.
Лена Самарас дипломирала на градежниот факултет во Лондон и ретко се појавувала во јавноста. Веста за нејзината смрт предизвика бран реакции во грчката јавност, а сочувство до семејството Самарас упатија премиерот, претседателот на државата, министри, лидери на опозициски партии, поранешни премиери и бројни пратеници.
Андонис Самарас беше премиер на Грција од 2012 до 2015 година, а во ноември минатата година беше исклучен од редовите на владејачката Нова демократија.