Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Почина поранешниот НБА кошаркар Дикембе Мутомбо

На 58 години почина поранешниот НБА кошаркар, Дикембе Мутомбо. Како што соопштија од НБА, Мутомбо починал од рак на мозокот.

Рак на мозокот на Мутомбо му беше дијагностициран во 2022 година, а последните мигови ги поминал опкружен со семејството.

„Дикембе Мутомбо беше едноставно поголем од животот“, рече комесарот на НБА, Адам Силвер. „На теренот тој беше еден од најголемите блокатори на шут и одбранбени играчи во НБА“.

Мутомбо е роден во Демократска Република Конго пред да се пресели во САД и да игра колеџ кошарка на Универзитетот Џорџтаун. Беше драфтуван од Денвер Нагетс како четврт пик на драфтот во 1991 година, беше висок 218 сантиметри и играше како центар во шест НБА тимови во текот на неговата 18-годишна кариера. Осум пати беше избран во најдобриот тим на лигата, а од 2015 е и член на Куќата на славните.

Мутомбо со неговите 3.289 блокади е рангиран на второто место на сите времиња во историјата на НБА, а тој беше познат по неговото препознатливо мафтање со прст. Само Хаким Олаџувон има блокирано повеќе удари во историјата на НБА. Покрај за Нагетс, тој играше и за Атланта Хокс, Филаделфија 76ерс, Њу Џерси Нетс, Њујорк Никс и Хјустон Рокетс.

Надвор од кошарката, Мутомбо ја основа Фондацијата Дикембе Мутомбо во Конго во 1997 година. Нејзината цел е да го подобри здравјето, образованието и квалитетот на животот во африканската земја. Тој, исто така, служеше во одборот на Меѓународната Специјална Олимпијада, Фондацијата ЦДЦ и Националниот одбор за Фондот на САД за УНИЦЕФ.

Мутомбо последниот дел од животот го помина и како амбасадор на НБА.

„Немаше никој поквалификуван од Дикембе да служи како прв глобален амбасадор на НБА“, рече Силвер. „Тој беше хуманитарец. Го сакаше она што играта на кошарката може да го направи за да има позитивно влијание врз заедниците, особено во неговата родна Демократска Република Конго и низ целиот континент Африка. Имав привилегија да патувам низ светот со Дикембе и гледајќи од прва рака како неговата великодушност и сочувство ги воздигнуваа луѓето, тој секогаш беше едостапен на настаните во НБА во текот на годините – со неговата заразна насмевка, длабок глас и неговото познато мафтање со прстот. Тој беше сакан од сите генерации фанови на кошарката“.

Преземено од Трн.мк

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново