По кратко боледување на 87-годишна возраст почина проф. д-р Наум Целакоски, редовен професор во пензија на Машинскиот факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.
Како математичар, неговиот научен придонес беше од областа на алгебарските структури. Имаше објавено преку 40 научни трудови од алгебрата, самостојно или заедно со други математичари публикувани во научни списанија и учествувал на голем број научни собири по математика со свои соопштенија од областа на алгебрата уште од самиот избор за асистент на Техничкиот факултет во Скопје.
Како доцент предавал на Електро-машинскиот факултет во Скопје, како вонреден професор на Математичкиот факултет, а потоа како редовен професор и на Машинскиот факултет во Скопје, а во 70-тите години остварил специјалистички престои на Универзитетите на Илиноис Урбана, Орегон Јуџин и Харвард во Бостон.
Од унверзитетските учебници кои ги објавил најпознати се учебниците за дидактика на математиката, за диференцијални равенки, за нумеричка математика, тритомните „Предавања по виша математика“ од 1971-1972 г., како и четирите тома „Виша математика“ 1993-1995, но и збирките задачи од алгебра II и линеарна алгебра. Бил автор и коавтор на повеќе од 50 учебници и учебни помагала за високото, средното и основното образование.
Неговите залагања за популаризација на математиката меѓу младите оставија траг не само преку стручните трудови и лексикони за математичката терминологија, туку и разните текстови за популаризација на математиката меѓу младите.
Во текот на работниот век се залагаше за перманентно стручно и педагошко усовршување на наставниците по математика, вршење увид во реализирањето на наставата по математика во училиштата во Македонија и значајно учествуваше во изготвувањето на наставни програми по математика за средното и основното образование.
За својата севкупна активност беше одликуван со Орден на трудот со златен венец.
Погребот беше вчера во кругот на семејството и колегите од Универзитетот. Нека му е вечна славата.