Почина Роберт Дувал на 95-годишна возраст, јави неговата сопруга Лусијана Дувал, наведувајќи дека актерот починал мирно дома во неделата, опкружен со најблиските. Причината за смртта не беше соопштена.
Дувал зад себе остави кариера што се протега низ повеќе од шест децении и улоги што го вградија во историјата на американскиот филм. За публиката, тој останува препознатлив како Том Хејген во „Кум“ и „Кум 2“, како и по улогата на потполковникот Килгор во „Апокалипса сега“, со која стана симбол на една цела филмска ера.
Роден во 1931 година во Сан Диего, Дувал се проби уште рано со улогата на Бу Редли во „Да се убие подбивна птица“, а потоа изгради репутација на актер со ретка прецизност во карактерни и споредни улоги, кои често го „крадеа“ вниманието и кога не беше главен лик. Во својата кариера беше номиниран седум пати за Оскар и освои статуетка за главна машка улога за „Tender Mercies“ во 1984 година.
Покрај актерството, Дувал се потпиша и како режисер и сценарист на неколку проекти, а во последните години работеше поретко, но остана присутен како име што симболизира дисциплина, класичен филмски занает и актерска тежина што тешко се повторува.