Почина седумгодишно девојче од Челопек, отворена истрага за случајот

Седумгодишно девојче од тетовското село Челопек почина во неделата навечер во Клиничката болница во Тетово, по два дена лекување. Девојчето било примено на Одделението за педијатрија во саботата, на 20 септември нешто пред 21 часот, а состојбата драматично ѝ се влошила следниот ден.

Семејството на девојчето, како и жители на Челопек, преку социјалните мрежи бараат надлежните институции, здравствените власти и правосудството да го испитаат случајот доколку постои евентуална лекарска небрижност.

Од Клиничката болница Тетово во соопштение наведуваат дека биле преземени сите неопходни интервенции и дека медицинскиот тим реагирал професионално од моментот на приемот.

„Пациентката беше примена на Одделението за Педијатрија на 20.09.2025 во 20:40 часот и веднаш беа преземени сите неопходни мерки согласно важечките протоколи со цел поставување на точна дијагноза. Беше извршена интензивна рехидратација и побарана помош од Одделението за ОРЛ за аспирација на секрети од усната шуплина. За жал, за време на интервенцијата пациентката не покажа знаци на реакција, по што беше итно префрлена на Одделението за анестезија, реанимација и интензивна нега. И покрај сите мерки за реанимација, девојчето почина. Болницата побара судско-медицинска обдукција за целосно расветлување на причините за смртта“, стои во соопштението.

Првично семејството се противело на обдукција, но Јавното обвинителство информираше дека е издадена наредба за нејзино извршување.

– Јавен обвинител од ОЈО Тетово веднаш по настанот беше известен за случајот и издаде усна, а утрово и писмена наредба за обдукција на телото на починатото девојче – наведуваат од обвинителството.

Случајот го потврди и тетовската полиција, од каде соопштија дека во содејство со обвинител работат на целосно расчистување и документирање на случајот.

Зачлени се на нашиот е-билтен