Meta започна со исплата на надоместоци за корисниците на Facebook во рамките на нагодбата вредна 725 милиони долари.
Корисниците на Facebook во Соединетите Американски Држави почнаа да добиваат уплати во рамките на нагодбата вредна 725 милиони долари, која произлезе од познатата афера со злоупотребата на кориснички податоци.
Нагодбата беше постигната во 2022 година по тужбите во врска со скандалот во кој компанијата Cambridge Analytica неовластено пристапи до податоците на милиони корисници, што предизвика глобален политички и технолошки потрес.
На надомест имаа право сите кои го користеле Facebook меѓу 7 мај 2007 и 22 декември 2022 и поднеле барање во предвидениот рок.
Исплатите се вршат во бранови и се очекува целиот процес да трае околу 10 недели. Корисниците чии барања се прифатени добиваат известување преку е-пошта неколку дена пред парите да им легнат на сметка.
Колку пари добиваат корисниците?
Висината на исплатата зависи од два фактора: колку вкупно валидни барања се поднесени и колку долго корисникот имал активна сметка на Facebook во наведениот период.
Првите уплати покажуваат дека корисниците добиваат околу 38 долари по лице, иако износот варира од поединец до поединец.
Организаторите порачуваат дека исплатите ќе одат постепено и дека нема причина за грижа доколку уплатата сè уште не пристигнала. На корисниците им се советува да го проверат и Spam фолдерот, бидејќи известувањата пристигнуваат преку е-пошта.