Почнува ноемвриската пленарна сесија на Европскиот парламент во Стразбур

Европскиот парламент денес го отвора ноемврискиот пленарен циклус со дневен ред кој допира клучни европски безбедносни, општествени и економски теми. Од европската одбранбена индустрија, преку заштитата на малолетниците на интернет, до предлог-буџетот за 2026 година – европратениците и оваа седмица ќе дискутираат и гласаат за прашања со директно влијание врз секоја земја-членка.

Фокус на безбедноста: Унгарија, миграции и европската одбрана

Сесијата започнува со дебата по извештајот на холандската европратеничка Тинеле Стрик, во кој се утврдува „јасен ризик од сериозно прекршување на основните вредности на ЕУ“ од страна на Унгарија. Европратениците утре ќе се изјаснат по овој извештај.

Потоа следи расправа за зајакнување на полициската соработка во борбата против шверц на мигранти и трговија со луѓе — тема која последните години прерасна во еден од најголемите предизвици за Унијата.

Утре на дневен ред доаѓа гласањето за Програмата за европска одбранбена индустрија (ЕДИП), инструмент дизајниран да ја зацврсти европската индустриска одбранбена база и да овозможи поголема поддршка за Украина.

Заштита на децата на интернет и дигитална безбедност

Во среда Европарламентот ќе гласа за Извештајот за заштита на малолетниците на интернет, кој бара забрана на дизајни што поттикнуваат зависност, ограничување на „коцкарските“ механики во игрите и воспоставување старосен праг од најмалку 16 години за пристап до социјални мрежи.

Пратениците ќе дебатираат и за новиот „дигитален омнибус“, сет од правила кои треба да го поедностават европското технолошко законодавство.

Детските играчки, вештачката интелигенција и безбедноста на потрошувачите

Европскиот парламент ќе гласа и за воведување построги правила за безбедност на детските играчки. На дневен ред се и извештаите за побрза регистрација и употреба на биолошки контролни агенси, како и влијанието на вештачката интелигенција врз финансискиот сектор.

Економија и клима: Кина, КОП30 и ретките минерали

Средата започнува со дебата за тоа како ЕУ може поефикасно да ја користи трговската и индустриската политика за да одговори на извозните ограничувања на Кина за ретките минерали – материјали важни за дигиталната и зелената транзиција.

Кон крајот на неделата, во четврток, европратениците ќе дискутираат за развој на индустрија за одржливо гориво во воздухопловството и поморството, како и за резултатите од конференцијата за климатски промени КОП30.

Човекови права и геополитика

Во текот на седмицата пратениците ќе расправаат за:

  • состојбата на христијанските заедници и верски малцинства во Нигерија и Блискиот Исток,
  • хуманитарната ситуација во Судан,
  • геополитичката стратегија на ЕУ на Арктикот,
  • состојбата во Мјанмар и положбата на Рохинџите.

Тука се и теми како европскиот „Штит за демократијата“, правилата за транспарентност на лобирањето, како и тековните закани од Русија и Белорусија врз воздушниот простор и критичната инфраструктура на ЕУ.

Буџет за 2026 и заштита на потрошувачите

Во среда Европарламентот ќе гласа и за Предлог-буџетот за 2026 година, како и за Регулативата за дефорестација и нови мерки за заштита на потрошувачите од ризични практики кај платформите за е-трговија.

Зачлени се на нашиот е-билтен