Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Почнува Семинарот за изучување на народните инструменти и песни на 50. Фестивал „Пеце Атанасовски“ во Прилеп

Во рамките на Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ кој годинава одбележува јубилеј, 50 години постоење, денеска почнува Семинарот за изучување на народните инструменти и песни.

Годинава учесници се 12 млади вљубеници во изворниот мелос, а предавачи на Семинарот се професор д-р Родна Величковска, која е и уметнички директор на Фестивалот, професор д-р Горанчо Ангелов, доцент д-р Стојанче Костов и м-р Горан Василески. Семинарот се одржува по 13-ти пат и досега учествувале преку 130 млади од земјава и странство кои го изучувале изворниот мелос. Семинарот се одржува во ученичкиот и студентски дом „Орде Чопела“ во Прилеп.

В петок на 5 јули во Прилеп, в сабота на 6 јули на Рудина, Долнени се фестивалските вечери со околу 250 изведувачи од цела Македонија.  По повод големиот јубилеј на Фестивалот, в петок по булеварот во центарот на Прилеп ќе дефилираат 50 гајдаџии од сите краишта на земјава.

В петок е и Симпозиумот „Фолклорот во минатото и денес“ кој издава и зборник со научни трудови од истражувањата на еминентни етномузиколози, етнокореолози за богатото фолклорно наследство. Во чест на јубилејот ќе биде промовирана и монографијата 50 години Фестривал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ – „Непресушен извор, за навек“.

-Фестивалот, од Смотри прерасна во национална манифестација која пет децении успешно го зачувува, го негува и го пренесува на новите генерации богатото фолклорно наследство. Фестивалот го носи името на идејниот творец, големиот гајдаџија и светски промотор на фолклорното богатство, Пеце Атанасовски. Во пет децении на Фестивалот учествувале преку 15 000 изведувачи на народни инструменти и песни од Македонија и од странство, вели Горан Василески, претседател на Фестивалот.

Во чест на јубилејот, на првата фестивалска вечер, на камената бина на плоштадот „Александрија“ во Прилеп ќе настапи и националната институција „Танец“.

Во рамките на Фестивалот в сабота во Спомен-куќата во Долнени ќе биде потишан меморандум за соработка на Фестивалот со КЕЦ „Небрегово“ и со Манифестацијата „Зборникот на Конески“. 

Зачлени се на нашиот е-билтен