Од воведувањето на новиот Систем за евиденција на влезови и излези (EES) на 12 октомври, на границите кон земјите членки на Европската унија се бележат значително подолги задржувања. Според искуствата на превозниците, патниците при патување кон земјите на ЕУ сега мораат да бидат подготвени на чекање и подолго од два часа.
EES предвидува автоматска регистрација на државјани на земји што не се членки на Унијата при секое преминување на надворешната шенгенска граница. При тоа се земаат отпечатоци од четири прста, фотографија од лицето и лични податоци, кои се внесуваат во електронски систем.
Возачите на автобуси велат дека пред воведувањето на системот, автобусите се задржувале по 15 до 20 минути, а сега се случува да „заглават“ и по два и пол часа.
Тие предупредуваат дека новиот систем ќе влијае врз распоредот на редовните линии.
Ако за секој патник треба по пет до седум минути, тоа значително ќе го забави преминувањето на границата.
Во преодниот период до април 2026 година, пасошите ќе продолжат да се печатат, без разлика дали патникот има ЕЕС-досие.