Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапувајќи по кривичната пријава на Националната единица за сузбивање криумчарење мигранти и трговија со луѓе при МВР, во текот на вчерашниот ден донесе наредба за спроведување на истражна постапка против четири лица од Велес и едно лице од Тетово. Врз основа на прибраните докази постои сомнение дека групата сториле кривично дело „трговија со дете“.
Првоосомничениот, дваесет и петгодишен велешанец, од крајот на декември 2021 година и во текот на 2022 година, со употреба на закана над детето – жртва им овозможил на останатите осомничени и на други лица да вршат полови дејствија со жртвата на трговија со луѓе – по пат на сексуални активности, сексуална експлоатација и порнографија. Тој, во декември 2021 година преку апликацијата Instagram остварил комуникација со четиринаесетгодишното девојче – жртва на трговија со луѓе и по неколку неделна континуирана комуникација преку апликацијата, откако стекнал доверба кај жртвата, ја довел во заблуда дека ќе започнат љубовна врска. На првата средба бил направен порнографски материјал што првоосомничениот го користел како закана за да го присили девојчето да доаѓа и на други средби, заканувајќи се дека доколку не дојде, материјалите со интимна содржина ќе ги објави и ќе ги сподели на социјалните мрежи.
На овој начин, првоосомничениот го принудувал детето – жртва во повеќе наврати да оди во станови што биле наменски изнајмувани на повеќе локации во Велес. На средбите присуствувале осомничени и други непознати машки лица, кои се опивале и дрогирале, и во таква состојба вршеле полови напади врз малолетното девојче, како што додава Обвинителството, иако знаеле и биле должни да знаат дека малолетното дете е жртва на трговија со луѓе.
Ценејќи дека постојат околности за нивно бегство, и дека ќе ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесници ќе ја попречат истрагата, како и стравот ако се бранат од слобода дека ќе го повторат делото, на предлог на јавниот обвинител е определен притвор за четворица осомничени и куќен притвор за еден од осомничените.
За ова кривично дело, како што појаснува Обвинителството, е предвиден затвор од најмалку осум години.