Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Поддршката на социјално ранливите граѓани не е до чергата, до приоритетите е

Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ со последните изјави во врска со покачувањето на платите, под притисокот на Сојузот на синдикатите на Македонија, велат дека „треба да ги пуштиме нозете колку што ни е чергата“, и дека не е време за покачување на минималната плата која растеше во континуитет повеќе од 7 години и порасна од 8.000 на 22.000 денари односно речиси за цели три пати.

Во својата програма Мицкоски и неговата партија ги спомнуваа само платите во јавниот сектор и дека тие ќе растат со растот на економијата, што може да е индикација дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ во однос на сите плати е дека ќе резултираат од растот на економијата, но никаде не ја спомнуваа минималната плата која засега огромен број работници, граѓани и семејства.

Оттаму дојдоа и барањата на ССМ кои на првомајскиот протест пред владата побараа од новата извршна власт покачување на минималната плата на 450 евра.

„Нашите барања се зголемување на платите на работниците оти видовме дека функционерите не можат да преживеат со 78 отсто поголема плата. Бараме 450 минимална плата уште во првите 100 дена на новата влада, како и враќање на трошоците за храна и превоз. Ако знаеме дека функционерите со 2.500 евра тешко преживуваат денеска, ние работниците тешко преживуваме со 25.000 и 35.000 денари“, рекоа тогаш од ССМ.

Соочен со категоричните барања на синдикатите, Мицкоски сега се правда дека буџетот бил во катастрофална состојба, тврдење кое освен кажано во камери, не е поткрепено со други податоци. Но, на буџетот му се спрема ребаланс кој бил наводно во завршна фаза според министерката за финансии, но ни со тој ребаланс работниците изгледа нема да добијат ништо од барањето во првите 100 дена да има покачување на минималецот.

Од друга страна, очигледна е и неусогласеноста на ставовите внатре во владата, меѓу членовите на владиниот состав на Мицкоски.

Новиот министер за економија Бесар Дурмиши, на првата средба со новинарите, веројатно да покаже колку се грижи за работниците, соопшти дека приоритетит ќе му биде зголемувањето на минималецот, иако неговиот шеф, премиерот Христијан Мицкоски вели засаега пари нема за толкав минималец.

И додека се најавува некава милијарда од Будимпешта, кредит кој ќе го зголеми јавниот долг на државата, се чини дека работниците остануваат на последно место според приоритетите. Затоа се повеќе изгледа дека не е до чергата, туку до приоритетите.

А кога станува збор за приоритетите тие се очигледни за Мицкоски. Наместо прва средба да му биде таа со синдикатите, тој уште во предизборниот период имаше средби со стопанските комори во земјата. Изјавата на Мицкоски дека не е време за интервентно покачување на минималецот наиде на одобрување кај работодавачите. Тие велат дека ќе го почитуваат актуелниот закон за минимална плата, односно таа да расте според трошоците за живот и просечната плата.

Сето ова наведува на навраќање на вистинската политика и намера на ВМРО-ДПМНЕ, а тоа воопшто да не владее преку поддршка на платите туку да продолжи онаму каде што застана, а тоа се политиките во интерес на крупниот капитал.

Затоа добро е да се потсетиме какви беа политиките на ВМРО-ДПМНЕ во однос на прашање на зајакнување на социјалниот потенцијал на граѓаните, особено на оние со ниски примања. Во 2016, ВМРО-ДПМНЕ го држеше минималецот на околу 8000 денари и тогаш беа потребни четири минимални плати за да се обезбеди основната потрошувачка кошничка.

Ако на тоа се додаде и мизерната гарантирана минимална помош, популарно наречена социјална помош, која беше под 3000 денари, јасно е дека ВМРО-ДПМНЕ ни тогаш, а според најавите ниту сега, нема да го интересира грижата за оние со ниски примања.

За време на владаеењето на СДСМ приоритетите на граѓаните беа во прв ред и покачувањето на минималната плата растеше во континуитет повеќе од 7 години и порасна од 8.000 на 22.000 денари односно речиси за цели три пати.

Ова се случуваше во време на неколку последователни кризи и СДСМ и покрај огромниот притисок од економското цунами, успеваше да обезбеди пари во буџетот за оваа намена. За време на мандатот на СДСМ бевме сведоци на долги и мачни преговори со синдикатите кои ревносно ги бараа своите права вршејќи огромен притисок преку протести и постојано излегување во јавноста.

Оттаму доаѓа и користењето на поговорката на Мицкоски за чергата и нозете само како алиби да се избегне поддршката за социјално ранливите, но јасно е дека тоа не е во интерес на граѓаните, туку во интерес на капиталот.

Р. Р.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново