Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Подмадокот на АфД прогласен за екстремистички

Германската Канцеларија за заштита на уставниот поредок денеска, по четиригодишно набљудување, го прогласи подмладокот на десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) за екстремистичка организација.

Веќе нема сомнеж дека подмладокот на АфД има цели кои се против уставниот поредок на Сојузна Република Германија“, изјави директорот на оваа канцеларија Томас Халдеванг.

Од 2019 година, Канцеларијата ја стави под надзор младинската организација АфД, следејќи ги нејзините активности поради сомневања за екстремизам.

Заедно со подмладокот на АфД, како десничарски екстремистички организации прогласени се и здруженијата „Еден отсто“ и „Институт за државна политика“, кои меѓу политиколозите важат за дел од „Новата десница“.

„Позициите на овие организации не се компатибилни со Уставот“, рече Халдеванг.

Во образложението на одлуката се наведува дека организациите кои денеска беа окарактеризирани како екстремни десничари „имаат за цел да ги екскомуницираат групите што ги сметаат за странски“ и се обидуваат да ги позиционираат овие ставови како општо прифатени од општеството.

„Задача на Канцеларијата за заштита на уставниот поредок, заради заштита на слободниот демократски поредок, е јасно да укаже на ваквите заложби“, се вели во образложението.

Младите на АфД, како што е наведено, се обидуваат да ги окарактеризираат имигрантите кои доаѓаат од земји надвор од Европа како групи кои е невозможно да се интегрираат во германското општество, а со тоа шират непријателство и поттикнуваат омраза насочена против овие имигрантски групи.

Прогласувањето на овие организации за екстремна десница и овозможува на Канцеларијата за заштита на уставниот поредок поблиску да ги следи активностите на членовите.

Лицата од овие организации кои вршат јавни дејности и кои положиле заклетва на германскиот Устав можат да сметаат на правни последици, а под знак прашалник е и можноста членовите да се вработат во јавниот сектор.

Издавањето дозвола за носење оружје за членови на организации кои се сметаат за екстремистички речиси и не доаѓа предвид.

Одлуката е политички удар за АфД, која беше основана во 2013 година како партија против еврото за време на должничката криза во еврозоната, но се помести надесно и стана најуспешната германска екстремно десничарска партија од Втората светска војна.

Во моментов, партијата има поддршка од 15 до 17 отсто, зад Зелените и владејачката Социјалдемократска партија на Германија (СПД), откако го капитализираше гневот на гласачите поради зголемувањето на цените на енергијата по санкциите против Русија.

Зачлени се на нашиот е-билтен