На 10. Октомври (вторник) во МНТ (мала сцена) по втор пат ќе се одржи перформансот “Поетроника” – оригинален проект на Оливер Митковски и Андреја Салпе. Почетокот е од 21 часот.

“Поетроника“ е поетско – музички проект на два извонредно талентирани уметници од нашата средина. Читачкиот (поетски) дел му припаѓа на бардот на современото македонско глумиште, фантастичниот Оливер Митковски, кој суверено владее со својот длабок, сугестивен, комплетно лишен од патетика вокал. Музичкиот, е дело на еден од водечките современи македонски електронски артисти, младиот и безмерно надарен, Андреја Салпе – Мирко Попов, музичар, музички критичар, за првиот настап на „Поетроника“.
Неодамна присуствував на музичко-сценски настан за кој сметам дека преставува пресврт во македонската култура, какви што се случуваат повремено на деценија-две. Се работи за заедничкиот проект на музичарот Андреја Салпе и глумецот Оливер Митковски насловен „Поетроника“, музички албум кој се основа на поезија на деветмина македонски автори. Седејќи во мрачната интима пред малата сцена на МНТ, почувствував дека сум била сведок на нешто битно за кое долго ќе се раскажува – оцени Румена Бужаровска, писателка.

„Поетроника“ е проект базиран на темелно повеќемесечно експериментирање на двајца наши артисти со опусот на домашните поети во тотална синергија со авторски креирана современа музика. Финалниот резултат е суптилен и културолошки многу значаен проект во форма на електронска музика со прекрасни амбиентални и џез звуци во комбинација со извонредно аранжирана македонска поезија. Станува збор за сосема нов и автентичен пристап кој се чини дека со својата оригиналност ги поместува границите, ќе се осмелиме да кажеме дури и во глобални рамки. Со оглед на искривените општествени вредности разбирливо е што ваков проект најверојатно нема да биде препознаен од страна на одговорните институции за култура, велат организаторите на настанот.