Пет трговци со електрична енергија во 2014 година заработиле казна од 3 милиони евра за незаконско договарање на цените на струјата ЕФТ Македонија, Езпада, Руднап, Ген-И дооел Скопје и Ген-И трговија од Кршко, Словенија.
Она што е интересно е што во овој период Извршен директор на сите компании во Централна и Источна Европа за трговија со електрична енергија и била одговорна за активности во С. Македонија, Србија, Бугарија и други земји од регионот на „Руднап Груп“ била токму сегашната министерка во новоформираното министерство за енергетика и рударство, Сања Божиновска.
Таа за ова негираше вмешаност во криминал, но негираше и дека има бугарско државјанство, а потоа самата себе се демантираше па изјави дека некогаш била државјанка на Бугарија, но потоа побарала отпуст. Во нејзината биографија сокри дека има и чешко државјанство.
Премиерот Христијан Мицкоски тогаш рече дека има разбирање зошто Божиновска заборавила да наведе дека не поседува само македонско државјанство.
Компании за кои работела Сања Божиновска
Во 2006-2011 година – „Езпада“ – Одговорна за стратегиски анализи, тргување и прекугранични активности во Северна Македонија, Србија, Косово, Бих, Албанија и др. „Езпада“ е со седиште во Швајцарија, а оперира и во Прага и Лондон.
Отворила и фирма во Северна Македонија. Во јануари 2008 година, РКЕ и издава на компанијата-ќерка „Езпада ДООЕЛ Скопје“ лиценца за вршење трговија со струја. На 29 декември 2022 година, македонската „Езпада“ побарала престанок на лиценцата за енергетска дејност, бидејќи донела одлука за ликвидација на фирмата.
Во 2011 – 2014 година – „Руднап Груп“ – Извршен директор на сите компании во Централна и Источна Европа за трговија со електрична енергија и била одговорна за активности во С. Македонија, Србија, Бугарија и други земји од регионот.
Формирана е и компанија во земјава – „РУДНАП ДООЕЛ Скопје“ во мај 2008 година, а истата е избришана од Централниот регистар во февруари 2022 година.
Во јули 2014 – мај 2018 година
„ЕНГ Сервице Траде“ – Коосновач и управител заедно со Оливер Несторовски. Дејност – трговија со електрична енергија.
При јавните набавки за купување струја на ЕЛЕМ тие недозволено ја фиксирале цената и ги делеле количествата, со што ја нарушиле конкуренцијата. Фирмите го направиле истиот прекршок во 11 случаи, освен Гени-тргување од Кршко кое учествувало во 4 вакви незаконски трансакции.
Комисијата за заштита на конкурентноста во своето соопштение во октомври 2014 година, не навела колкави штети предизвикале фирмите на државната компанија ЕЛЕМ преку картелското здружување и договарање на цени и распределба на количини.
Пријави за незаконско работење
Македонските институции – Комисијата за заштита на конкуренцијата, Царинската управа и МЕПСО покренале три различни постапки за прекршување на законите и тоа за „Руднап ДООЕЛ Скопје“, фирма ќерка на српската „Руднап Груп“, каде Божиновска била нејзин извршен директор и за „ЕНГ Сервице Траде“, македонска фирма во која Божиновска била една од двајцата сопственици.
Пријавите се за картелско тргување со електрична енергија, даночно затајување, а државна институција и барала на нејзината компанија да врати долг од 700.000 евра.
Првата постапка датира од 2012 година, кога Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗД) отворила предмет, истражувајќи го работењето на четири компании кои тргуваат со електрична енергија на пазарот.
Сомнежите на Комисијата биле дека компаниите, „Езпада ДООЕЛ Скопје“, „Руднап ДООЕЛ Скопје“ потоа „ЕФТ Македонија“ – компанија основана од Кочо Анѓушев, која подоцна ја напушти како и „Ген-и Македонија“ и „Ген-и трговање ин продаја електричне енергије до.о.о Кршко“, формирале „картел со цел да ја диктираат цената на увозот на струја на тендерот на ЕЛЕМ спроведен во јануари истата 2012 година“.
Речиси две години од отворањето на предмет за случајот, односно во 2014 година, Комисијата за заштита на конкуренцијата утврдила дека овие компании се здружиле како „картел при јавни набавки“.
Но, плаќање на казната во милионски износ на сметка на фирмите, меѓу кои и „Руднап ДООЕЛ Скопје“ сепак немало. Причина за тоа е што Управниот суд го потврдил решението на Комисијата за заштита на конкуренцијата, но, во повисока инстанца, Вишиот управен суд го поништило решението на Комисијата за заштита на конкуренцијата.
„Постапувајќи по пресудата на Вишиот управен суд, Комисијата за одлучување по прекршок при Комисијата за заштита на конкуренцијата на 20 јули 2017 година ја запре постапката“, одговориле за РСЕ од Антимонополската комисија за исходот од постапката.
Во неа, се ослободуваат од вина за царинска измама управителот Горан Чогеља и фирмата „Руднап ДООЕЛ Скопје“. Чогеља во 2018 година бил именуван како претседател на Комисијата за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ.
Божиновска негира поврзаност
По објавата на нејзините работни активности и дејствување на повеќе работни позиции во енергетски компании на Балканот во бугарски „Фокус“, Божиновска во изјава за РСЕ вели дека „Руднап Македонија“ била компанија со свој управител и се водела како посебно правно лице и отфрла директна поврзаност со секојдневното работење на „Руднап Македонија“, иако, во нејзината биографија доставена до Собранието, пишува дека „учествувала и во многубројни тендери, одговорна за финансиските операции во групацијата и за оперативните процедури и активности во Македонија“.
„Процес за картелско здружување навистина беше воден против четири компании и точно е дека комапнијата „Руднап Македонија“ беше казнета со парична казна од 89.000 денари, додека пак, друга компанија, чие име може да го дознаете беше казнета со казна од 120.000.000 денари. Сепак, она што е круцијално да се спомене е дека сите четири компании кои беа казнети заради картелско здружување поведоа соодветни постапки пред надлежните судски инстанци, истите ги добија во своја корист и случајот беше затворен“, одговорила Божиновска за РСЕ.
Молк и за долгот на „ЕНГ сервис трејд ДОО“
Поминаа неколку дена откако јавноста дозна за скандалот поврзан со новата министерка за енергетика која како поранешна сопственика на фирмата „ЕНГ сервис трејд ДОО Скопје “ во период од 2016 до 2017 направила долгови од речиси 1 милион евра кон државната компанија МЕПСО.
По одредено време, МЕПСО покренува постапка за наплата на долгот и иницира тужба против фирмата на Божиновска. Во 2019 година, спроведено е и вештачење од судски вештак кој ја утврдил вистината на каматите на фирмата на Божиновска која му должела на МЕПСО.
Божиновска го менува името на фирмата и прераснува во друг субјект, а Одлуката за изменување на лиценцата за вршење дејност издава и Регулаторната комисија на ден 5 ноември 2020 година.
Наместо „ЕНГ Сервис Трејд“ сега се вика „КАРСЗЗ ТРАДЕ ДООЕЛ Скопје“. Тоа што е сомнително е што веќе во 2022 година, фирмата „КАРСЗЗ ТРАДЕ ДООЕЛ Скопје“ работи со загуби и станува деловно неактивна, а фирмата е избришана од Централниот регистар бидејќи не поднела годишна даночна пријава за 2019 година.
Државната компанија МЕПСО е прва која требало да реагира за долгот на фирмите во кои била сегашната министерка за енергетика, Сања Божиновска, смета претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимовски. Тој вели дека нема ингеренции во однос на должниците кон енергетските фирми на државата.
„МЕПСО не изреагирал и тој долг понатака дел по дел е исплаќан, во изминатиот период делови од долгот, колку што имам информации. Тоа е тековна работа“, вели Бислимовски.
Зошто МЕПСО не успеал да го наплати долгот на Божиновска?
Од МЕПСО не ни доставија информација колкав е долгот на компанијата на сегашната министерка Сања Божиновска и до каде е наплатата, иако пред два дена сепак признаа дека оваа компанија има долг.
-Согласно законските и подзаконските акти кои се на располагање за наплата на заостанатите обврски, активирана е банкарска гаранција депонирана од „ЕНГ Сервис Трејд“, а доспеаните и неплатени фактури се директно дадени на извршување кај надлежен извршител, соопштија од МЕПСО за тв 24.
Во септември 2017 година, МЕПСО објави дека вкупниот долг кон нив како државна компанија за таа година изнесува 57 милиони денари или 926.829 евра.
Од него, најголемиот дел бил направен во првите три месеци од 2017 година, а 70 насто отпаѓал на компанијата „ЕНГ сервис Трејд“, чиј основач и еден од управителите била токму Божиновска.
Компанијата добила лиценца од Регулаторната комисија за енергетика на пазарот за снабдување со електрична енергија на први октомври 2014 година.
На прес конференција, тогашниот директор на МЕПСО Симон Шутиновски најави суспендирање на компанијата од пазарот како снабдувач на електрична енергија.
Според оваа изјава, временскиот период кога компанијата на Божиновска го направила долгот, а не го платила, е за првите три месеци од 2017 година, кога на власт е сѐ уште ВМРО-ДПМНЕ. Промената на власта дојде на почетокот на јуни 2017 година кога СДСМ на чело со Зоран Заев формираше влада, а суспензијата на фирмата на Божиновска од пазарот со електрична енергија се случи во септември 2017.
Иако испративме прашања, ниту министерката Божиновска и по две недели не одговори дали компанијата со која раководела се раздолжила кон државната МЕПСО.
Одговори во врска со сканадалот поврзан министерката Божиновска побаравме и од од Владата, но и тие молчат.
Која е всушност министерката Божиновска?
Енергетиката е област каде што се заработуваат многу пари, а добро школуваната Божиновска, барем според она што е наведено во анкетниот лист, има завидно богатство.
Два стана во Шпанија, по еден во Португалија и во Србија, како и два стана во скопски Центар (еден од 87, а другиот од 60 метри квадратни), е дел од недвижниот имот што го пријавила министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, во анкетниот лист доставен до државната комисија за спречување на корупцијата. Според наведените износи, вкупната вредност на становите надминува 1 милион евра.
Божиновска е еден од важните кадри на премиерот Мицкоски и доаѓа од областа во која тој имал компании – енергетиката. Уште во предизборието беше познато дека таа е главен кандидат да го раководи новото министерство за енергетика .
Во анкетниот лист таа навела и дека има трансакциска сметка и девизни сметки во Чешка, Португалија и Шпанија (во оваа земја остварува приходи од закупнина, односно од издавањето на становите).
Покрај становите, Божиновска пријавила дека поседува и земјоделско земјиште, помошни простории, како и возило „нисан инфинити“, стекнато во 2013 година и регистрирано во Чешка, а исто така и подвижен имот кој не подлежи на регистрација во земјава во вкупен износ од 2,9 милиони денари или околу 48 илјади евра.
Исто така, таа поседува и фирма во Чешка (sustainable services с.р.о.) каде што е основач и сопственик.
Инаку, според приложената биографија на Божиновска (44), која е достапна на интернет страницата на Владата, таа е „искусен енергетски консултант со меѓународно искуство во областа на енергетските проекти и инвестиции“. Се наведува дека поседува двојно државјанство – македонско и чешко.
Како што стои во биографијата, Божиновска ја започнала академската кариера на Англо-американ Универзитетот во Прага, Чешка, каде што од 1998 до 2002 година студира бизнис администрација и политички науки. Потоа го продолжува своето образование на Универзитетот во Гронинген, Холандија, каде што во периодот од 2003 до 2004 година завршува магистерски студии по интернационален бизнис. Во 2013 година ја завршува програмата за енергетска транзиција и лидерство на Делта енергетскиот институт во Холандија, а во 2015 година ја завршува и извршната програма за жени лидери на Универзитетот Харвард, САД.
Нејзината професионална кариера започнува во 2002 година како помлад асистент за ревизија во КПМГ Скопје, каде што работи на ревизорски проекти во приватни и невладини организации. Во 2006 година премиинува во EZPADA s.r.o. во Прага, Чешка, каде што работи во одделот за планирање и тргување со електрична енергија. Од 2006 до 2011 година, Божиновска е одговорна за стратегиски анализи и тргување во балканските земји.
Од 2011 до 2014 година, Божиновска е извршен директор на сите компании на групацијата Руднап во ЦИЕ за трговија со електрична енергија. Во периодот од 2014 до 2018 година, пак, таа работи како партнер во Eng Service Trade Скопје, каде што е одговорна за формирање на стратегија за зголемување на пазарниот удел на компанијата.
Од 2018 година до денес, Сања Божиновска работи како независен енергетски консултант, фокусирајќи се на енергетски проекти, инвестиции, договори за PPA проекти за соларни централи, прекугранично тргување со енергија и работа на проекти за обновливи извори на енергија во ЦИЕ.
Во јавноста се појавија информации дека Божиновска има и бугарски пасош. Таа не ги демантираше тие наводи, туку објави дека од пред крајот на минатата година започнала постапка за испишување од бугарското државјанство, но таа сѐ уште не е завршена. Според наводите, бугарскиот пасош ѝ бил потребен за да управува со фирми во Бугарија.
Во нејзината биографија не пишува дека некогаш била член на некоја политичка партија. Но Божиновска стана дел од Извршниот комитет на владејачката ВМРО-ДПМНЕ годинава, откако беше избрана на седница на Централниот комитет на 31 јануари 2024 година.