Полицијата ги претресува изгорените солитери во Хонгконг: Досега 146 загинати, 11 уапсени

Властите во Хонгконг и денес ја продолжуваат потрагата во преостанатите облакодери уништени во големиот пожар во кој загинаа најмалку 146 лица. Стотици жители останаа без домови и сега се обидуваат да се прилагодат на живот во привремени сместувалишта.

Полицијата ја заврши претресната акција во четири од вкупно седумте погодени згради. Ова е најсмртоносниот пожар во градот во последните повеќе од 75 години. Во скалиштата и на покривите беа пронајдени телата на станари кои останале заробени додека се обидувале да побегнат од огнот. Илјадници граѓани се собраа да им оддадат почит на жртвите, меѓу кои има најмалку девет домашни помошнички од Индонезија и една од Филипините. Колоните ожалостени граѓани вчера беа долги повеќе од еден километар.

Бдеење во чест на загинатите ќе биде организирано и оваа недела во Токио и Лондон. Властите наведуваат дека околу 40 лица и понатаму се водат како исчезнати.

Причината за пожарот сè уште непозната

Пожарот изби минатата среда и многу брзо се прошири по надворешниот дел на становите кои биле во фаза на реновирање. Истрагата сè уште трае. Јавноста е огорчена поради одамна игнорираните предупредувања за опасност од пожар и поради сомнежи за небезбедни градежни практики. Пекинг порача дека ќе се справи со сите „антиксејски“ протести.

Според извори запознаени со случајот, приведена е најмалку една личност која учествувала во петиција со која се бара независна истрага.

Во зградите живееле повеќе од 4.000 луѓе

Преостанатите солитери кои треба да се прегледаат спаѓаат меѓу најтешко оштетените, изјави високата полициска службеничка Ејми Лам, додавајќи дека завршната фаза од потрагата може да трае со недели.

Утрово стигна голем број полицајци за да продолжат со претресот на изгорените згради во кои живееле повеќе од 4.000 луѓе. Повеќе од 1.100 жители беа префрлени од евакуационите центри во привремен сместувачки објекти, додека уште 680 лица се згрижени во младински хостели и хотели. Бидејќи многумина во паника ги оставиле своите лични предмети, градските власти ветија еднократна помош од 1.284 долари по домаќинство, како и поддршка при издавање нови документи — лични карти, пасоши и изводи од матичните книги.

Уапсени 11 лица

Ова е најсмртоносниот пожар во Хонгконг од 1948 година, кога во пожар во магацин загинале 176 лица. Трагедијата силно го потресе градот, особено бидејќи веќе овој викенд треба да се одржат парламентарни избори. Во рамки на истрагата за можна корупција и употреба на небезбедни материјали при обновата, досега се уапсени 11 лица.

Во моментот кога избил пожарот, зградата била обвиена со зелена заштитна мрежа, бамбусови скелиња и прекриена со пенеста изолација. Властите истакнаа дека противпожарните аларми во комплексот не функционирале правилно. Станарите од населбата Ванг Фук уште минатата година предупредувале на опасност, но им било кажано дека ризикот од пожар е „релативно низок“, соопшти градското Министерство за труд.

Портпаролот потсети дека жителите во септември 2024 година повторно изразиле загриженост, вклучувајќи и поради можноста за лесно палење на заштитните мрежи.

Полицијата во саботата привела 24-годишниот Мајлс Кван, член на групата која ја покрена петицијата за независна истрага, како и за построга контрола на градежните практики. Уште две лица биле уапсени под сомнение за поттикнување немири, пренесува South China Morning Post.

Канцеларијата за национална безбедност на Кина предупреди дека трагедијата не смее да се користи за предизвикување нови немири и потсети на протестите од 2019 година, истакнувајќи дека сите кои ќе се обидат повторно да го вовлечат Хонгконг во хаос ќе бидат строго казнети.

Зачлени се на нашиот е-билтен