Во денешната акција на органите на прогонот се уапсени, сопственик на бензински пумпи, сопруга на познат доктор, како и вработен во УЈП поврзан со политичката партија ЗНАМ, објави Скопје 1. Акцијата, според медиумот, продолжува и во текот на вечерта, а дел од приведените веќе се спроведени во полициската станица Пролет.
Вечерва детали за акцијата соопшти и Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, информирајќи дека под раководство на јавен обвинител од ова обвинителство, истражители од ОЈО ГОКК, со асистенција на полициски службеници од Министерството за внатрешни работи, од попладневните часови вршат претреси на повеќе локации низ државата.
Како што наведуваат од Обвинителството, акцијата се спроведува во Управа за јавни приходи и во други институции, а насочена е кон лица осомничени за злосторничко здружување, перење пари, даночна измама и даночно затајување од поголеми размери. Во рамки на постапката се преземаат повеќе истражни дејствија, се вршат претреси и се обезбедуваат осомничени лица.
Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција најавуваат дека акциите ќе продолжат и понатаму, додека по завршување на истражните активности ќе биде соопштено повеќе информации за обемот на предметот, бројот на осомничените и евентуалните кривични пријави. Надлежните институции уверуваат дека постапката се води со целосна примена на законските овластувања и во интерес на заштита на јавните финансии и правниот поредок. објави Скопје1.мк