Стотици Хаиќани протестираа низ островот барајќи оставка од премиерот Ариел Анри, додека банките, училиштата и владините агенции се затворени во северните и јужните региони на Хаити, откако бесните демонстранти ги блокираа главните патишта со запалени гуми и го парализираа јавниот превоз, објавија локалните медиуми.
Главните градови низ Хаити од вчера се затворени поради протестите, а на повеќе места имаше и судири меѓу демонстрантите и полицијата.
Помали протести се одржаа во главниот град Порт-о-Пренс, каде што десетици демонстранти се собраа пред канцеларијата на премиерот Анри, а полицијата употреби солзавец за да ја растера толпата.
Американските медиуми пренесуваат дека меѓу демонстрантите беше и претседателскиот кандидат и поранешен премиер Клод Жозеф.
Протестите се очекува да кулминираат утре, бидејќи 7 февруари е крајниот рок за премиерот Анри да поднесе оставка.
Овој датум е значаен на Хаити, бидејќи на тој ден во 1986 година, поранешниот диктатор Жан-Клод Дивалие побегна во Франција, а на 7 февруари 1991 година, првиот демократски избран претседател на Хаити, Жан-Бертран Аристид, положи заклетва.
Анри ја презеде власта веднаш по атентатот на последниот претседател на земјата, Јованел Мојс, во 2021 година. Оттогаш, се појавија моќни банди кои главно се собраа околу два главни сојузи, G9 и G-Pep.
Судирите меѓу ривалските банди, полицијата и граѓанските групи имаа разорен ефект врз локалното население, кое се соочува со неселективни убиства, широко распространето сексуално насилство, грабежи и киднапирања.
Според Хјуман рајтс воч, поради насилствата околу 300.000 луѓе се внатрешно раселени.