Полициска акција во ОХИС: претреси во „Алфафарм“ поради заплената на 5 тони марихуана во Србија

Под истрага се повеќе фирми со лиценца за медицински канабис, еден ко-сопственик уапсен
кривична

Попладнево се спроведуваат претреси во компанијата „Алфафарм“, сместена во кругот на поранешната хемиска индустрија ОХИС, во рамки на истрага поврзана со заплената на околу пет тони марихуана во Србија, објави Телма.

Според информациите, акцијата е дел од поширока истрага што ја водат надлежните органи во соработка со меѓународни партнери. Освен во „Алфафарм“, претреси се вршат и во објекти на други компании кои поседуваат лиценца за одгледување канабис за медицински цели. Целта е да се утврди дали постои поврзаност меѓу лиценцираното производство и запленетата дрога во соседната држава.

„Алфафарм“ е основана во 2023 година, додека лиценцата за одгледување канабис за медицински цели ја добила во март 2024 година. Надлежните институции засега не соопштуваат повеќе детали за текот на истрагата.

Во рамки на истата меѓународна полициска акција, еден од ко-сопствениците на компанијата е уапсен во Србија. Според истите извори, по друг ко-сопственик се трага и тој моментално се наоѓа во бегство.

Истрагата продолжува, а се очекуваат повеќе информации откако ќе завршат претресите и анализата на прибраните докази.

Зачлени се на нашиот е-билтен