Полицискиот час е прогласен во југоисточната покраина Трат поради борбите што се проширија на крајбрежните области по должината на границата, два дена откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека двете страни се согласиле на прекин на огнот, објави Ројтерс.
Непријателствата меѓу двете земји траат откако камбоџански војник беше убиен во судир во мај, што предизвика раселување на стотици илјади луѓе од двете страни на границата.
„Камбоџа ја потврди својата отвореност за прекин на огнот во саботата“, изјави портпаролот на тајландското Министерство за одбрана, контраадмиралот Сурасант Конгсири, на прес-конференција во Бангкок по објавувањето на полицискиот час.
Тој рече дека Тајланд е исто така отворен за дипломатско решение, но Камбоџа мора да ги запре нападите пред да започне процесот на преговори.
Тајландските сили изјавија во саботата дека уништиле мост што Камбоџа го користела за транспорт на тешко оружје и друга опрема во регионот и започнале операција против камбоџанските артилериски единици во крајбрежната покраина Кох Конг, додека Камбоџа го обвини Тајланд за напад врз цивилната инфраструктура.
Полицискиот час во Тајланд опфаќа пет области во покраината Трат, во непосредна близина на Кох Конг, со исклучок на туристичките острови Кох Чанг и Кох Куд.
Војската претходно воведе полициски час во источната покраина Сакае, кој останува на сила.
Тајланд и Камбоџа разменија оган од тешко оружје на неколку точки по должината на нивната 817-километарска граница од понеделник.