Шефот на кабинетот на претседателот на Украина, Андриј Јермак, потврди дека во неговиот дом започнале претреси што ги спроведуваат истражители од Националното антикорупциско биро на Украина (НAБУ) и Специјалното антикорупциско обвинителство (САП).
„Денеска НАБУ и САП спроведуваат процесни дејствија во мојата куќа. Истражителите немаат никакви пречки. Добиле целосен пристап до станот, моите адвокати се на лице место и комуницираат со претставниците на органите на прогонот. Од своја страна, целосно соработувам“, напиша Јермак на Телеграм, пренесува Униан.
Украинските антикорупциски институции утринава извршија претрес во домот на Андриј Јермак, шефот на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, соопшти Националното биро за борба против корупција на Украина (НАБУ).
Според соопштението на НАБУ на Фејсбук, „овие истражни дејства (претрес) се одобрени и се спроведуваат во рамки на истрагата“.
НАБУ и САП на 10 ноември ги објавија резултатите од истрагата за корупција во украинскиот енергетски сектор, наречена „Мидас“.
Документирани се активности на високорангирана криминална организација, чии учесници изградиле голема корупциска шема со која влијаеле врз стратешки државни компании, особено врз „Енергоатом“.
Според истрагата, неколку украински функционери биле вмешани во систематско перење пари и незаконско богатење, а на чело на шемата бил бизнисменот Тимур Миндиќ, поранешен деловен партнер на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Украинската министерка за енергетика Светлана Гринчук и министерот за правда Герман Галушченко поднесоа оставки откако нивните имиња се појавија во истрагата.

