Јапонија можеше да ја добие првата жена премиерка во својата историја, но тој план е сериозно загрозен. Денеска коалицискиот партнер Komeito соопшти дека ја напушта владината коалиција со Либерално-демократската партија (LDP), со што ја доведе во прашање иднината на новоизбраната лидерка Санае Такаичи, која треба да биде предложена за премиерка на гласањето на 15 октомври.

Лидерот на Komeito, Тетсуо Саито, изјави дека 26-годишното партнерство пропаѓа поради „неадекватното објаснување“ од LDP во врска со скандал за политичко финансирање што ја потресе владејачката партија.
Со заминувањето на Komeito, Либерално-демократската партија останува без 37 пратеници до мнозинство во долниот дом на парламентот, што значи дека Такаичи ќе мора да бара поддршка од други партии за да формира влада.
Такаичи, поранешна министерка за внатрешни работи, беше избрана за нова лидерка на LDP минатата сабота, победувајќи го Шинџиро Коизуми, синот на поранешниот премиер, и станува првата жена што ја предводи партијата. Ако ја добие поддршката на парламентот, ќе стане првата жена премиерка во историјата на Јапонија.
Позната по својата цврста поддршка на „Абеономикс“, економската политика на поранешниот премиер Шинзо Абе, Такаичи ја презема партијата во период на внатрешни поделби и опаѓање на довербата во јавноста. Таа веќе најави можност за нов трговски договор со администрацијата на Доналд Трамп, што дополнително го поларизира политичкиот простор.
Со губењето на коалициониот партнер, Јапонија влегува во нова политичка неизвесност, а историскиот момент за избор на првата жена премиерка — барем засега — останува под знак прашање.