Политички циркуз со АНБ: Гаши најави седница, Реџепи условува, СДСМ бара декласификација

Собраниската Комисија за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање утре, 10 септември, треба да ја одржи долгонајавуваната седница за наводите за незаконско прислушување во периодот 2019–2024, но и ова закажување дојде по повеќедневни перипетии и одложувања.

Претседателот на Собранието Африм Гаши на брифинг со новинарите кажа дека пратениците од Комисијата на последната координација се договориле седницата да ја води претседателот Скендер Реџепи и дека „во среда во 10 часот“ е термин на кој се усогласиле: „Мислам дека на последната координација што ја имале пратениците од таа Комисија се договориле да ја води претседателот Скендер Реџепи, дали ќе се случи тоа – ќе видиме утре, но тие дојдоа кај мене и ми рекоа дека имаат начелен договор тоа да се случи в среда во 10 часот.

Јас нормално се согласив со тоа што тие се согласиле“, рече Гаши, додавајќи дека од негова страна е направено сè за седницата да се одржи. Истовремено, од Кабинетот на спикерот претходно официјално соопштија дека по договорите меѓу пратеничките групи седницата е презакажана за 10 септември, со план веднаш потоа членовите да заминат во АНБ на надзорна посета.

Во петокот, пак, Комисијата двапати беше закажувана па одложувана, откако претседателот Реџепи одби да ја свика додека не добие безбедносен сертификат, а дополнителна забуна создаде и информацијата од собраниската прес-служба дека со седницата ќе претседава пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска – што Реџепи го оспори како неусогласено.

Неговиот јавен став остана условен: „или ќе ми дадете безбедносен сертификат, или нема состанок“, пренесоа неколку медиуми. На веб-страницата на Собранието, пак, формално и натаму стои дека Скендер Реџепи е претседател на ова надзорно тело.

Дури и да започне утрешната седница, неизвесно е колку далеку ќе стигне надзорот на терен: Гаши појасни дека во просториите на АНБ можат да влезат само пратеници со важечки безбедносен сертификат – правило што де факто го исклучува претседателот на Комисијата сè додека не му биде издаден документот. „Кога седниците се јавни може да присуствуваат и пратеници без сертификат, но кога има класифициран материјал седницата е затворена, вклучително и за пратеници без сертификат“, рече спикерот, упатувајќи прашања за самата постапка на издавање сертификати кон АНБ.

Политичкиот контекст е разжарен: случајот за наводно незаконско прислушување експлодира откако премиерот Христијан Мицкоски и актуелниот директор на АНБ Бојан Христовски соопштија дека до Обвинителството за организиран криминал е доставена документација за злоупотреби во АНБ во периодот 2019–2024; опозицијата возврати со барање за итна декласификација.

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на неколку прес-конференции порача дека јавноста има право да ги види документите и дека, доколку премиерот „се плаши“ од декласификација, тоа може да го стори директорот на АНБ. „Контрадикторни се изјавите на Христовски и Мицкоски, нека се декласифицира сè за да се види вистината“, рече Кузеска.

Мицкоски, пак, во говорот по повод 8 Септември – Денот на независноста, оцени дека „не е прашање дали ќе се декласифицираат материјалите, бидејќи тоа е ирелевантно“, додека суштината, според него, е одговорноста и расветлувањето на евентуалните злоупотреби: „оваа работа нема да се стави под тепих“, порача премиерот, најавувајќи „одмотување на гордиевиот јазол“ во периодот што следи. Истовремено тој порача дека нема да има селективна правда и дека сите инволвирани ќе сносат последици.

Во ваквата поларизирана атмосфера, значајно е и сведочењето на поранешниот директор на АНБ, Виктор Димовски, кој во интервју за „360 степени“ категорично тврди дека „немало никаква документација што се однесува на прислушување и следење на поранешниот лидер на опозицијата“, повикувајќи на моментална декласификација за да се прекинат шпекулациите: „ако постоеше такво нешто, немаше да има потреба од овој циркус – документите само требаше да се објават“, вели тој.

Зад сцената на дневнополитичките пресметки, Комисијата останува со празни раце во делот на стручната поддршка: со месеци не се ангажирани двата ИТ-експерти што треба да им помагаат на пратениците при увид во информатички системи на службите, иако праксата од претходни надзори покажала дека тие се неопходни при проверка на трагови за евентуални злоупотреби. Гаши вели дека ќе провери како е уредено во Деловникот и подзаконските акти и дека, ако е задолжително, „веднаш ќе постапи“, но до тогаш клучниот надзор повторно зависи од политичка волја, административни процедури и – безбедносни сертификати. Во меѓувреме, календарот стои: 10 септември во 10 часот, уште една шанса институционално да се намали шумот и да се слушнат фактите.

Зачлени се на нашиот е-билтен