Американскиот сајт „Политико“, кој е дел од германската медиумска компанија Аксел Спрингер, во анализа со наслов „Чувај се Европо, Трамп доаѓа да ти ги земе изборите“, пишува дека следната задача на политиката на Трамп и неговото движење МАГА („Make America Great Again“ – Да ја направиме Америка повторно голема) би можела да биде — мешање во европската политика.
Според „Политико“, тоа би требало „да ги исплаши“ лидерите на Велика Британија, Франција и Германија — Кир Стармер, Емануел Макрон и Фридрих Мерц — но текстот прашува:
„Дали некој од нив воопшто ќе се спротивстави?“
Во текстот од Лондон се наведува дека претседателот на САД „поведе крстоносна војна за да ја преобликува европската политика во своја корист“, мобилизирајќи ја целата моќ на американската дипломатија за да ги промовира „патриотските“ партии, да ја намали миграцијата, да ја уништи „цензурата“ и да ја „спаси европската цивилизација од пропаѓање“.
Во новообјавениот документ „Национална стратегија за безбедност“, Белата куќа за првпат целосно го изложува својот пристап кон геополитичките предизвици со кои се соочуваат САД и светот.
Официјалниот став на САД сега е дека безбедноста на Европа зависи од решително поместување на политиката на континентот кон десно.
На три страници, документот ја обвинува Европската унија дека го зголемува ризикот од „бришeње на нејзината цивилизација“ поради наглиот пораст на имигранти, ниската стапка на наталитет и наводната ерозија на демократските слободи.
Во приказните за падот на наталитетот и порастот на имиграцијата, тешко е да се игнорира расната димензија на реториката на Белата куќа, пишува „Политико“, додавајќи дека таа димензија ќе биде добро позната на избирачите во Унгарија, Италија, Холандија и Германија, каде што екстремно десничарски политичари ја артикулираа таканаречената „теорија на големата замена“ — расистичка теорија што лажно тврди дека елитите се во заговор да ја разредат белата популација и да го намалат нејзиното влијание.
„Сакаме Европа да остане европска“, пишува во стратегијата и се предупредува дека „на долг рок, веројатно е дека најдоцна за неколку децении одредени членки на НАТО ќе станат мнозински неевропски“, што отвора прашање дали таквите земји ќе продолжат да го гледаат сојузот со САД како пожелeн.
Политичкиот рецепт што следува од ова, пишува „Политико“, е промена на режимот во Европа.
„Нашата цел треба да биде да ѝ помогнеме на Европа да ја исправи својата сегашна патека“, се вели во документот на Белата куќа. Тоа ќе подразбира „негување на отпорот“ внатре во европските земји, а доколку има сомнежи во политичката природа на пораката, документот го слави „растечкиот влијание на патриотските европски партии“ како причина за американски оптимизам.
„Со други зборови: Поддржете ја крајната десница за Европа повторно да стане голема“, толкува „Политико“.
Од враќањето на Трамп во Белата куќа во јануари, европските лидери се обидуваат да делуваат смирено, избегнувајќи отворен конфликт кој би можел целосно да ги прекине трансатлантските односи.
Но за центристичките лидери како Макрон, Стармер и Мерц, новата Трампова доктрина претставува толку егзистенцијален предизвик што можеби ќе бидат принудени директно да му се спротивстават.
Таквата конфронтација може да дојде брзо, имајќи ги предвид изборите со високи влогови што следната година ќе се одржат во делови од Велика Британија и Германија, како и можноста за вонредни избори во Франција.
Во секој случај, според „Политико“, партиите поврзани со МАГА — Реформската партија во Обединетото Кралство, Алтернатива за Германија и францускиот Национален собир — се подготвени да остварат придобивки на сметка на центристичкиот естаблишмент. Америка, велат, сега е јасно дека може да интервенира за да им помогне.
Врз основа на моменталните докази, европските функционери чија работа е да ги заштитат изборите од странско мешање, немаат многу желба да влезат во борба со Трамп, наведува „Политико“.
Европската комисија неодамна го претстави планот за „демократски штит“ за да ги заштити изборите од дезинформации и странско влијание. Мајкл Мекграт, комесар за оваа политика, изјави за „Политико“ дека овој „штит“ треба широко да се користи, бидејќи Русија „не е единствениот актер“ кој можеби има „личен интерес“ да влијае врз изборите во ЕУ.
Во светло на новата Стратегија за национална безбедност, Трамповата Америка сега дефинитивно мора да биде меѓу тие актери, наведува „Политико“.
Дури и пред објавувањето на стратегијата, настапите на администрацијата на Трамп веќе даваа докази за нејзиното потценување на европскиот политички центар: потпретседателот Џ. Д. Венс жестоко ја критикуваше Европа за слободата на говор и демократијата; Илон Маск интервенираше во германските избори поддржувајќи ја крајната десница — Алтернатива за Германија; а министерот за одбрана Пит Хегсет приватно ги критикувал „бедните“ Европејци што „се чешкаат“ до САД за својата безбедност.
Разликата сега е што Трампoвата Стратегија за национална безбедност е официјален, политички документ.
Она што е уште полошо за лидери како Макрон, Мерц и Стармер, е тоа што Трамповата анализа можеби е точна — дека критична маса на избирачи сака сопствен европски МАГА-проект.
Овие лидери се под огромен притисок од популистичката десница:
– Во Велика Британија, партијата „Да ја реформираме Велика Британија“ на Најџел Фараж е на пат кон значајни успеси на локалните избори;
– Во Франција, Националниот собир на Марин Ле Пен ја притиска администрацијата на Макрон;
– Во Германија, Алтернатива за Германија „дише во вратот“ на Мерц, терајќи го да заземе уште построг став за миграцијата.
Британскиот премиер во интервју за „Економист“ откри дека на приватна вечера во Берлин разговарал со Мерц и Макрон за заедничката закана од десницата.
Но, ако Америка навистина ја спроведе новата Трампова стратегија, приватните разговори можеби нема да бидат доволни, заклучува „Политико“.

