Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Политико: Фон дер Лајен блокира извештај во кој се критикува Италија за медиумски слободи

Додека бара поддршка од Рим за втор мандат на чело на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен се обидува да го забави официјалниот извештај на ЕУ во кој се критикува Италија за кршење на медиумските слободи.

Како што изјавија неколку официјални лица за Политико, истрагата на Европската комисија укажува на сузбивање на слободата на медиумите во Италија откако екстремно десничарската премиерка Џорџа Мелони ја презеде власта во 2022 година.

Годишниот извештај за почитување на владеењето на правото во земјите-членки на ЕУ се очекуваше да биде одобрен на 3 јули, но тоа може да биде одложено додека не се именува нов претседател на Комисијата, изјавија двајца функционери за бриселскиот портал.

Одложувањето на извештајот е невообичаено и Фон дер Лајен ризикува потегот да се смета за политички мотивиран, имајќи предвид дека таа во моментов бара поддршка од лидерите на ЕУ, како што е Мелони, за да обезбеди втор петгодишен мандат на чело на Комисијата.

Медиумските здруженија предупредија дека мешањето на владата и тужбите против новинарите станаа почести во Италија во последните две години. Во минатогодишниот извештај за владеењето на правото, комисијата веќе ја критикуваше Италија, велејќи дека нејзиниот закон за клевета се повеќе се користи за прогон на новинарите.

„Постои видлива подготвеност да се блокираат прашањата поврзани со Италија и владеењето на правото“, рече еден функционер на Комисијата кој, како и другите, укажа на напорите на Фон дер Лајен да биде реизбран за претседателка на ЕК.

Официјални лица кои разговараа за Политико под услов да останат анонимни велат дека кабинетот на претседателката побарале од генералниот секретаријат на Комисијата да го одложи објавувањето на извештајот.

Официјални лица, исто така, велат дека обидите на фон дер Лајен да избегне отворена критика на Италија наиде на неодобрување во Комисијата.

Како што беше посочено, таквото мешање би било штетно бидејќи Урсула фон дер Лајен, како и службите на Комисијата, не треба да се мешаат во процесот на нејзиниот избор за втор мандат.

Политико пишува дека извештајот сега се очекува да биде разгледан откако лидерите на ЕУ ќе го поддржат новиот претседател на Комисијата, што значи најрано до средината на јули, иако тоа може да потрае до септември.

Извештајот за владеење на правото се уште е на дневен ред за 3 јули во плановите на Комисијата, но надлежните велат дека датумот наскоро ќе биде поместен.

Зачлени се на нашиот е-билтен