Унгарија се обидува да ги обедини силите со Чешка и Словачка за да формира блок на земји во рамките на Европската Унија кои се скептични кон понатамошната воена и финансиска помош за Украина, објави Politico.
Главниот политички советник на унгарскиот премиер Балаж Орбан изјавил дека се надева на поблиска соработка со Андреј Бабиш, лидерот на десничарската популистичка партија која победи на неодамнешните избори во Чешка, како и со словачкиот премиер Роберт Фицо. Целта е, според него, да се координираат ставовите пред клучните самити на лидерите на ЕУ, вклучително и неформални состаноци пред официјалните средби.
Иако официјален политички сојуз сè уште не е создаден, формирањето на ваков блок би можело сериозно да ги усложни напорите на Брисел за обезбедување континуирана поддршка за Киев, предупредува Politico.
Орбан потсетил на примерот на Вишеградската група (Унгарија, Чешка, Словачка и Полска), која имала заеднички став за време на миграциската криза по 2015 година. „Таа соработка добро функционираше тогаш. На тој начин успеавме да се спротивставиме“, изјавил тој.
Овој пат, сепак, новиот блок би бил т.н. „Вишеградска тројка“, без Полска, бидејќи сегашниот полски премиер Доналд Туск е силен поддржувач на Украина и малку е веројатно дека ќе се приклучи на иницијативата на унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Орбан, кој е на власт повеќе од 15 години, следната година ќе се соочи со нов изборен предизвик. Според последните анкети, опозициската партија „Тиса“ на Петер Магјар во моментов ужива поголема поддршка од неговиот владејачки Фидес.
