Политико: Урсула фон дер Лајен пред тежок настап – Европскиот парламент ја чека со критики и закани за ново гласање недоверба

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во среда ќе го одржи својот прв говор за состојбата на Унијата во вториот мандат, но наместо вообичаената церемонијалност и политички планови, овојпат ја чека бура во Европскиот парламент. Според „Политико“, европратениците се подготвени да искажат долга листа на забелешки и критики, а меѓу нив се најавува и можноста за ново гласање за недоверба.
Урсула фон дер Лајен

Критики од сите страни

Критичарите ја обвинуваат Фон дер Лајен дека ја ослабнала Европа со едностраниот трговски договор со САД, дека ги изневерила земјоделците со поддршка на спогодбата со Јужна Америка, дека ги ублажила климатските политики и дека молчела за ситуацијата во Газа. „Ова беше лошо лето за Европа. Она што јасно сакаме како порака од претседателката на Комисијата е дека работите мора да се сменат,“ изјави Бас Ајкхаут, копретседавач на Зелените во Европскиот парламент.

Незадоволството не доаѓа само од опозицијата – и традиционалните партнери на Европската народна партија (ЕPP), во која припаѓа Фон дер Лајен, сè повеќе ја доведуваат во прашање својата лојалност. Дел од пратениците ја обвинија Комисијата за нетранспарентност во забрзаното финализирање на договорот со Меркосур.

Зголемени тензии

Само десет месеци од почетокот на вториот мандат, Фон дер Лајен се соочува со силен притисок – од парламентот, од политичките групи во ЕУ и од глобалните настани. „Очекуваме јасно лидерство од извршната власт. Европа не може да си дозволи институционална стагнација,“ порача Валери Хајер, лидерка на либералната група Renew Europe.

Некои политички групи веќе се закануваат со нов предлог за гласање недоверба во октомври. Левицата во парламентот побара дополнителни потписи за покренување нова иницијатива, обвинувајќи ја претседателката за молчење околу конфликтот во Газа и договорот со САД. Крајната десница, пак, предводена од Марин Ле Пен, планира свој предлог поврзан со спогодбата Меркосур.

Недостаток на резултати

Вообичаено, говорот за состојбата на Унијата е момент на политичка рамнотежа, но оваа година се очекува висока напнатост и поларизација. „Комисијата е свесна за политичките тензии и незадоволството,“ изјави еден висок европски функционер за „Политико“.

Главниот проблем за Фон дер Лајен е што нема многу успеси со кои може да се пофали. Единствено поголемо достигнување е фондот од 150 милијарди евра за зајакнување на одбраната – но парламентот веќе покрена правен спор околу таа иницијатива. Дополнителни предлози за намалување на бирократијата во корист на индустријата исто така се соочуваат со силен отпор кај социјалистите, зелените и дел од либералите.

Политичка поларизација

Предлогот за недоверба во јули остави длабоки траги. Иако тогаш не помина, многумина во парламентот сметаат дека тоа ја отвори Пандорината кутија. „Ова ризикува да стане редовна вежба, а не исклучителна мерка,“ предупредуваат аналитичари.

За Манон Обри, копретседателка на Левицата, говорот на Фон дер Лајен ќе биде само „фарса за полирање на имиџот на Комисијата, додека состојбата на Унијата станува сè полоша.“

Од другата страна, дел од европратениците предупредуваат дека ваквите политички пресметки во време на руска офанзива само ја ослабуваат ЕУ и ја поткопуваат заедничката безбедност.

Што следува?

Пред претседателката стои тешка задача – да ги убеди европратениците дека може да обезбеди лидерство и стабилност, а воедно да направи отстапки за да ја задржи центристичката коалиција.

„Ако пораката биде дека се е во ред и дека треба само да продолжиме по истиот пат – тоа нема да биде препорачливо,“ предупреди Ајкхаут од Зелените.

Фон дер Лајен во среда ќе има можност да покаже дали може да ја смири политичката бура или пак Европскиот парламент ќе се претвори во најголемата закана за нејзиниот втор мандат.

Зачлени се на нашиот е-билтен