Полската амбасада во Минск издаде алармантно предупредување: граѓаните на Полска кои престојуваат во Белорусија „непосредно да ја напуштат нејзината територија користејќи ги сите расположливи комерцијални и приватни средства“.
Во соопштението се наведува ризик од „можно затворање на границите и други непредвидени околности“, со препорака за алтернативни рути преку Литванија и Латвија, како и користење летови од аеродромот во Минск. Апелот стигна само еден ден по повторното отворање на полско-белоруската граница по речиси две недели блокада, а Варшава предупреди дека премините може повторно да бидат затворени ако безбедносната ситуација ескалира.
Одлуката на Варшава е директен одговор на напнатата клима по „Запад 2025“ — руско-белоруските маневри што ја натераа Полска на вонредни мерки и засилија стравувања од инциденти на границата. Иако премиерот Доналд Туск ја образложи одлуката за отворање со „намален ризик“ по завршувањето на вежбите, порача дека владата останува подготвена повторно да реагира доколку тензиите пораснат.
Една од причините за драматичниот тон на дипломатското предупредување е апсењето на полскиот кармелитски монах Гжегож Гавел во Лепел. Белоруските служби го обвинија за шпионажа поврзана со воените вежби; Варшава таквите тврдења ги оцени како провокација и најави мерки. Случајот дополнително се вгради во пошироката слика на произволни апсења: белоруската организација за човекови права „Вијасна“ објави дека последниве денови списокот на политички затвореници е зголемен за 15 имиња — вкупно 1.193 лица.