Полскиот министер за одбрана Владислав Кошњак Камиш одлучно ги негираше тврдењата на пратеникот на американскиот претседател за Украина, Кит Келог, дека една од опциите за мир во Украина е распоредување европски сили во Украина, кои би ги испратила и Полска.
„Ставот е јасен. Полска не планира и нема да испраќа војници во Украина. Од самиот почеток ја посочивме нашата улога како центар за логистиката и инфраструктурата на таа мисија. Без нас, нема можност таа да се спроведе. Сојузниците на Полска од „коалицијата на добронамерните“ многу добро ја разбираат улогата што ја игра Полска“, изјави денеска полскиот министер за одбрана.
Тој ја отфрли тезата дека САД вршат притисок врз Полска да испрати војници на секој начин, со оглед на тоа што ваквите приказни се појавија во јавноста.
„Ни јас, ниту министерот за надворешни работи, Радослав Шикорски, не добивме никакви предлози на таа тема“.
Пратеникот на американскиот претседател Доналд Трамп во Украина, Кит Келог, зборувајќи деновиве за американската телевизија Фокс њуз, изјави дека планот на САД за преговори за завршување на војната во Украина предвидува примирје и испраќање војници.